Скопје домаќин на 30. Министерски совет на ОБСЕ

Сподели

 

Од денеска 29 ноември, до петок во Скопје ќе се одржи 30-тиот Министерски совет на ОБСЕ, на кој ќе учествуваат делегации од 57-те земји-членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.

 

 

Во Скопје се очекува да присуствуваат околу 1.000 учесници, вклучувајќи ги американскиот државен секретар Ентони Блинкен, шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.

 

 

Министерскиот совет ќе започне вечер со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите – учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок.

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, Министерскиот совет на ОБСЕ веќе го дефинираше како најголем настан во државата од осамостојувањето, и по димензии и по суштина, а Скопје како центар на светот во деновите не неговото одржување.

 

 
“Чест ми е што имаме можност да го организираме еден од најголемите настани што некогаш е направен во земјава. Северна Македонија изминатава година како претседавач на најголемата регионална безбедносна организација ОБСЕ покажа дека има голем капацитет да се носи со сите предизвици, рамо до рамо со најразвиените земји во Европа,” изјави министерот Османи.
 
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа денеска, а учеството на ОБСЕ ќе го почне со билатерална средба со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
 
Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство.