Советничката во Советот на Општина Битола, Габриела Илиевска од ВМРО-Народна партија, до денеска нема добиено одговор од четирите институции од кои бара правно толкување дали Талески од куќен притвор смее да ја води Општина Битола и да потпишува службени документи.
– Моето барање до надлежните институции е уредно доставено и очекувам да се произнесат по него. Се надевам дека ќе ги испочитуваат законските рокови и ќе добијам одговор на она што е приоритетно во овој момент за функционирањето на Општина Битола – вели Илиевска.
На нашето прашање дали Талески смее да потпишува службени документи и да комуницира со вработени во Општината додека е во притвор, од Основниот суд Скопје 1, кој му го одреди куќниот притвор на битолскиот градоначалник, ни одговорија дека на судот му е јасно што значи мерката куќен притвор, но дека не е надлежен да ги толкува законите и дека тоа го прави Собранието на Република Македонија.
„Во однос на Вашето прашање, Основен суд Скопје 1 – Скопје не ги толкува законите, тоа го прави Собранието на РМ и затоа слободно можете за одговор да се обратите токму таму бидејќи согласно Законот за кривичната постапка, на судот му е јасно што значи мерката куќен притвор, а сите други прашања не се во надлежност на судот“, се вели во одговорот од Кривичниот суд за „Мета“.
Советниците од опозицијата во Советот на Општина Битола на вчерашната седница повторно побараа одговор дали градоначалникот Владимир Талески, кој е првооосомничен во случајот „Транспортер“, смее да потпишува службени документи додека е во куќен притвор.
Илиевска вчера побара кварталниот извештај за извршување на буџетот за 2016 година, потпишан од Талески, да биде повлечен од дневниот ред сè додека не се разјасни дали градоначалникот смее од куќен притвор да потпишува службени документи. Таа, во врска со ова прашање, побарала мислење од Специјалното јавно обвинителство, Основниот суд Скопје 1, Апелацискиот суд во Скопје и од Законодавно-правната комисија во Собранието.
Талески неодамна самиот изјави дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.
– За жал, многу пријатно се изненадија моите соработници затоа што СЈО уште еднаш дојде да провери дали градоначалникот потпишува. Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – рече Талески, по јавната седница во Апелацискиот суд во врска со неговата жалба на продолжувањето на куќниот притвор.
Според ставот 3 од членот 163 на Законот за кривична постапка (ЗКП), „во решението со кое се определува куќен притвор, покрај забраната за оддалечување од домот или од друг простор, судот може да определи забрана за комуникација со лица или забрана за употреба на средствата за комуникација, односно обврска за почитување на мерките на видео и електронски надзор, или да нареди примена на други мерки согласно со членот 146 од овој закон“.
Во членот 146, во кој се уредени мерките на претпазливост што може да ги одреди судот, меѓу другите е наведено дека судот може да донесе забрана за посетување на определено место или подрачје, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
„Ако лицето против кое е определен куќниот притвор се оддалечи од домот или од друг простор спротивно на забраната на судот или во определено време не се врати во домот или другиот определен простор или не се придржува на забраната за комуникација со лицата или забраната за употреба на средствата за комуникација или го избегнува или попречува спроведувањето на мерките на видео и електронски надзор, против тоа лице ќе се одреди притвор. Лицето за тоа ќе се опомене со решението за куќен притвор“, стои во ставот 4 од членот 163 од ЗКП.