Мицкоски: Габриел им ја плесна вистината, власта лаже дека уставните измени се последна пречка

Сподели

 

Марија Габриел им ја плесна вистината во очи,  тоа е вистината за која што јас и ВМРО-ДПМНЕ ја зборуваме година и половина. На јавна сцена се виде дека Маричиќ, Зечевиќ, Ковачевски, Ахмети, Османи, Груби го лажат народот во Македонија дека ова е последната пречка, не е последната, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во однос на изјавата на бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Марија Габриел дека уставните измени не се единствен услов. 

Мицкоски посочи дека ова е само почеток на проблемите кои следат затоа што без општествена поддршка и без консултации со опозицијата потпишаа договор со цел да го завршат својот проект две години власт. 

– Едниот да биде премиер, другиот генерален секретар, а останатите да станат милионери на грбот на македонските граѓани, тоа беше проектот. Сега имаме сега сите ние проблем кој за жал повторно ќе треба ВМРО-ДПМНЕ да го решава но и граѓаните во Македонија во периодот кој следи. За ова зборувавме повеќе од година и половина, за ова предупредувавме и за жал со тоа што го направија, направија огромен проблем за сите нас, нагласи Мицкоски.

Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ е спремно откако ќе ја формира новата влада да разговара за нешто што претставува достоинствено решение и достоинствено сценарио.

– Од друга страна видовме дека правилото на едногласие во рамките на ЕУ се замени со правило на празна столица или правило на недостасува еден член. Очекувам дека и ЕУ, но лидерите доколку навистина сакаат Македонија да ја видат во ЕУ и да престане оваа голгота што трае повеќе од две децении каде Македонија, македонскиот идентитет и народ се предизвикани од страна на некои неразумни соседи со нивните политики, ќе ве потсетам тоа се започна со ветото кое го добивме поради  спорот со името, а потоа идентитетските проблеми со нашиот источен сосед, видовме дека можело да се носат одлуки доколку имаме разумни лидери во рамките на ЕУ. Очекувам разум и дека наскоро ќе биде отстрането ова вето и дека Македонија наскоро ќе ги почне преговорите она кое што и припаѓа многу одамна, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека имаме многу внатрешни проблеми, но што се однесува до оние отстапки кои се направија сите заедно членки на ЕУ ги немаат направено.