Изложба на Борко Лазески во ОСТЕН

Сподели

 

Утре, 20 декември во 19 часот, во Галерија ОСТЕН Скопје ќе биде отворена изложбата Борко ЛАЗЕСКИ и Андре ЛОТ (André Lhote)
Самостојна изложба на дела изработени за време на престојот на Лазески во Париз во атељето на Лот во периодот од 1946-1948
 
На изложбата ќе бидат претставени 23 дела од Борко Лазески (два цртежи, молив на хартија; дваесет темепри на хартија и едно масло на хартија) создадени помеѓу 1946 – 1948 година за време на неговиот престој во атељето на познатиот француски сликар, теоретичар и педагог Андре Лот, како и едно дело од Андре Лот (цртеж, молив и пастел на хартија) од колекцијата на ОСТЕН Музејот.
 
Оваа изложба претставува прекрасен увид во корените на сликарството на нашиот голем македонски сликар Борко Лазески. Престој на Борко Лазески во Париз како стипендист на француската влада од 1945 – 1948 г. е клучен период во неговиот професионален развој и трајно го дефинира неговиот уметнички стил. Тоа особено се должи на престојот во атељето на Андре Лот од 1946 – 1948 г., всушнот меѓународна академија каде престојувале и уметнички се граделе голем број на млади сликари од целиот свет, вклучително уметници од тогашната Југославија.
 
 
 
Може да се набројат повеќе славни имиња кои ја посетувале академијата на Андре Лот: Анри Картие-Бресон (Henri Cartie-Bresson), Франција; Вилиам Клајн (William Klein), САД; Тамара де Лемпицка (Tamara de Lempicka), Полска; Ханс Хартунг (Hans Hartung), Германија; Дора Мар (Dora Maar), Франција и други.
 
Борко Лазески е единствениот студент од Македонија во атељето на Андре Лот кој ги следел неговите предавања скоро три години, во повоениот период од 1946 до 1948 година.
 

***

За Борко Лазески (1917 – 1993 г.)
Борко Лазески е роден на 22-ри октомври 1917 година во Прилеп. Уметничко училиште завршува во Белград, по што се запишува на Ликовната академија во Белград во 1939 година. Поради војната, образованието го продолжува на Државната ликовна академија во Софија во период од 1941 до 1943 година. Во 1945 година учествува во формирањето на Уметничкото училиште во Скопје и е еден од оснивачите на ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија). На крајот на 1945 година заминува во Париз како стипендист на француската влада каде останува до есента 1948 година. За време на својот престој, Борко Лазески специјализира монументални техники на Високата национална школа за ликовни уметности (Есоlе Nationale Superieure de Beaux Arts) и паралелно го посетува ателјето на познатиот француски уметник и теоретичар Андре Лот на улицата Одеса 18, во квартот Монпарнас.
По враќањето во 1948 година, тој е назначен за прв директор на Уметничката галерија во Скопје. Од 1960 до 1967 година предава на Институтот за ликовни уметности (Fine Arts Institute) во Багдад, Ирак.
Борко Лазески е пред се сликар монументалист. Повеќето од своите фрески ги работел во традиционалната техника на „фреско боно“. Неговите фрески стилски спаѓаат во посткубистичкиот период на ликовната уметност и со нив, Борко Лазески го воспоставил неопходниот мост помеѓу византијското фрескосликарство и современото сликарство, на тој начин продолжувајќи ја традицијата на фрескосликарството во Македонија. Тој има изработено повеќе фрески меѓу кои во Народна банка во Скопје, фреските во шалтер салата на Централната пошта во Скопје опожарени во 2013 година, фреските во Прилеп, Крушево, Кичево, Велес, Битола (насликани на повеќе од 700 м2). Негово капитално дело е монументалната фреска во старата Железничка станица во Скопје, завршена 1956 година, со димензии 5 х 25 м. (225 м2), срушена во земјотресот. Тој изработува и две фрески во центарот на светскиот мурализам Мексико сити, Мексико.
Исто така, Боро Лазески изработил два монументали мозаици и е автор на неколку монументални витражи од кои поважни се тие во Стопанска банка и МАНУ во Скопје, и витражите во Македониумот во Крушево.
Лазески починал на 16-ти јули 1993 година во Скопје.За Андре ЛОТ и неговата меѓународна академија во Париз (1925 – 1962 г.)
Aндре Лот е роден на 5-ти јули 1885 година во Бордо. Во Париз доаѓа во 1907 година и тогаш се приклучува на движењето на кубизмот. Тој е француски сликар кубист, теоретичар на уметност и предавач.
Како сликар Андре Лот секогаш ја задржува врската со класичното сликарство било во однос на избраниот предмет, било во однос на композицијата. Тој го подржува модерното во сликарството но во континуитет со традицијата.
Од 1919 година редовно пишува критики во француското списание NRF (Nouvelle Revue francaise), автор е на повеќе книги за теоријата на уметноста од кои поважни се „Расправа за пејсажот“ (“Traite du paysage”) и „Расправа за фигурата“ (“Traite de la figure”).
Во 1925 година ја отвара својата академија на улицата „Одеса“ 18, во квартот Монпарнас во Париз, низ која поминале многубројни уметници од цел свет (но и од Франција), сѐ до 1962 година кога починал. Како предавач, Андре Лот е ценет поради неговиот либерален однос кон учениците, толеранцијата и поттикнувањето на индивидуалните склоности на секој поединец кој се нашол во неговата школа. Како естетичар и познат педагог, како што вели еден критичар: „…не наметнувајќи ги своите теории и своето сликарство…“, тој веќе во третата деценија на минатиот век многу придонесе за „европеизацијата“ на ликовната култура на нашите простори.