Засилени инспекциски контроли на храната, акцент ставен на новогодишните пакетчиња

Сподели

 

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство спроведуваат засилени контроли кај операторите со храна пред претстојните новогодишни и божиќни празници. Се проверува дали и колку  се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама. Во овој период, акцент со контролите ставен е на новогодишните пакетчиња за деца при што се контролира рокот на употреба на производите кои ги содржат, како и означувањето. 

Со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи. Кај некои оператори исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде недостасуваат декларации на македонски јазик. 

Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800  3  22  22, или електронски на info@fva.gov.mk