Основа цел на ВМРО-ДПМНЕ беше да се дојде до избори и со тоа да се надмине кризата во Македонија. Минатата година СДСМ создаде криза и таа криза ја одлагаше и продолжуваше колку што можеа, изјави денеска по потпишувањето на договорот за предвремени парламентарни избори на 11 декември, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.
– Направивме многу чекори за да ги доведеме во ситуација да не можат да ги одложат изборите, да нема каде да бегаат и да мора да се соочат со народот. Народот ќе го казни СДСМ за она што и го направи на Македонија. Денеска сум задоволен што кончено успеавме СДСМ да го доведеме во ситуација да не може да вади нови изговори и алиби. Добро е што тие го потпишаа договорот и кажаа дека ќе излезат на избори на 11 декември. Иако, по сите одлагања секој нивен збор и потпис го ставам на резерва, затоа што никогаш човек не може да знае што во меѓувреме ќе направат – рече Груевски.
Toj рече дека на изборите граѓаните ќе го дадат својот збор и тие ќе одлучат.
– Граѓаните гледаат кој работи, кој се бори за државата, а кој пак работи за да се направи деструкција, кој работи во правец на правење и продолжување на кризи. Граѓаните на 11 декември ќе излезат и ќе си го кажат своето мислење, каква политичка опција сакаат да ја води Македонија во иднина. Политичка опција која што прави кризи, политичка партија која што прави деструкции или политичка опција која што отвора нови работни места и подобри услови за граѓаните, заклучи Груевски.