Митревски ја започна седницата за избор на техничка влада

Сподели

 

Собранието на РС Македонија со новоизбраниот претседател Јован Митревски, ја почна 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на влада.

Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „ЗА“, без против и воздржан. 

На сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, Македонија ќе ја добие третата преодна Влада воспоставена со Пржинскиот договор. За премиер на техничката Влада е предложен Талат Џафери.

 

 

Мандатарот Талат Џафери до Собранието поднел целосно пополнет предлог-состав на преодната влада, вклучувајќи ги и кандидатите за министри од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот Митрески вчера му се заблагодари на досегашниот претседател за успешното претседавање во изминативе години. 

„Сакам да им се заблагодарам на сите пратеници кои ми ја дадоа довербата во наредниот период да раководам со Собранието на РС Македонија. Транспарентноста, отчетноста, одговорноста и работењето единствено во интерес на граѓаните се принципите според кои работев досега. Ве уверувам дека според тие принципи ќе продолжам да работам и во наредниот период, целосно почитувајќи ги Деловникот на Собранието и законската процедура“, нагласи тој.

Јован Митрески е роден на 20 ноември 1980 година, во Струга, каде што завршува основно училиште. Средното образование го продолжува во ДСУ „Св. Климент Охридски“ во Охрид, каде што матурира во 1999 година. Потоа се запишува на Економскиот факултет на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, каде што дипломира во 2004 година на економска, статистичка, кибернетска насока.

Во 2014 година, првпат е избран за пратеник од редовите на Социјалдемократскиот сојуз. Во овој мандатен период, Митрески е претседател на собраниската Комисија за труд и социјална политика. Во 2016 година, Митрески повторно е избран за пратеник во Собранието. Во текот на овој парламентарен состав тој е именуван за заменик координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, а на почетокот на 2019 година станува координатор.

На парламентарните избори што се одржаа во јули 2020 година Митрески го започнува својот трет мандат како пратеник во Собранието на Република Северна Македонија. Тој повторно е избран за координатор на пратеничката група на СДСМ и Коалицијата.