Платформата за родова еднаквост со реакција: Солидарност со негувателките од Струга

Сподели

 

Организациите кои се дел од Платформата за родова еднаквост изразуваат силна загриженост за случувањата во општина Струга, каде што негувателките работат со договор на дело за надомест кој е двапати помал од минималната плата, а речиси четири пати помал од официјалната просечна плата за декември 2023 година! Дополнително, скандалозен е и фактот дека им се заканува уште поголемо намалување за надоместот и од нив се очекува да работат за 5000 денари месечно. Договорот на дело значи дека овие работнички немаат платени придонеси, немаат здравствено осигурување а се изложени и на ризик од сиромаштија во иднина бидејќи нема да остварат право на пензија. Дополнително, надомест од 5.000 или 10.000 денари е премал и ако се земе предвид фактот дека минималната синдикална кошничка за декември изнесуваше над 56.000 денари.

Исто како и во домот, и на пазарот на трудот работата поврзана со грижа за деца паѓа на грбот на жените. Воспитувачките и негувателките во градинките се екстремно важни за здрав раст и развој на најмладите членови на општеството и за градење на следната генерација. И покрај непроценливата грижа и љубов што ја даваат, разочарувачки и засрамувачки е да се види дека нивните плати остануваат меѓу најниските во земјата. Овој јаз во плати е навреда за жените и за професијата и дрзок потсетник на системската дискриминација и родовата нееднаквост кои се навлезени во сите пори на нашето општество.

Дополнително, негрижата за работничките во градинките истовремено е и силен напад врз економската независност на вработените мајки во заедницата! Според локалниот родов индекс на Реактор, достапноста на градинки е директно поврзана со стапката на вработеност на жените во заедницата. Поконкретно, во општините во кои има градинки стапката на вработеност на жените е поголема од стапката на вработеност во општините во кои нема градинки. Обезбедувањето на сигурен и достапен систем на поддршка при растењето на децата е клучно за одржување на економската независност и професионалниот развој на жената. Ваквата неправда ги турка жените кон маргините и оневозможува нивен личен и професионален напредок. Затворањето на градинка ќе има непропорционални последици врз мајките кои работат и ќе ги ограничи нивните можности за работа и за финансиска поддршка на семејството.

Време е да го скршиме стаклениот плафон на секторот грижа, да ја препознаеме виталната улога која жените ја имаат во овој сектор и да се заложиме не само за правични и достоинствени плати туку и за целосна промена на социјалните структури кои ја одржуваат оваа бесрамна неправичност. Заканата за затворање на градинка треба да ни послужи како повик за будење и да нè поттикне заедно и гневно да застанеме и да побараме почит, признавање и, пред сѐ, соодветна парична компензација за трудот што овие жени го вложуваат во растење на генерациите кои се иднината на нашата заедница.

Грижа за добросостојбата и финансиската безбедност на работничките во градинките не е само прашање на правда, туку и клучен чекор кон постигнување родова еднаквост!