Во однос на инцидентот кој се случи изутринава пред угостителски објект во Скопје и во кој биле инволвирани полициски службеници, министерот Тошковски изјави дека најостро осудува секаков вид на насилство, а особено кога тоа е сторено од вработени во Министерството за внатрешни работи.
„За наведниот настан веднаш е известен надлежен јавен обвинител кој даде насоки по кои во моментов се постапува, а од страна на надлежните служби во министерството побарав максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури да се постапи, се со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај, а за исходот од преземените дејствија веднаш ќе биде известена јавноста“, напиша министерот.
„360 степени“ објави дека Ивица Б., вработен во МВР и член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е приведен синоќа по полноќ откако спречил колеги полицајци во акција на откривање недозволена трговија во познат локал во Скопје.