Да се поништи конзерваторското решение за зградата кај „Воена болница“

Сподели

 

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, за изградбата на висококатницата до „Воена болница“ во Скопје, информираше дека го добила Извештајот од работната група од Министерството за култура и дека денеска постапила по него.

„Во Извештајот е наведено дека издаденото конзерваторско решение не е во согласност со Правилникот што е постоечки по Законот за заштита на културно наследство и затоа предметот го враќаме назад кај првостепениот орган, поточно кај Конзерваторски центар – Скопје, и очекуваме тоа одобрение уште денес да биде поништено“.

Костадиновска-Стојчевска објасни дека работната група, според своите надлежности, вршеше надзор од формално-правен аспект на издаденото конзерваторско мислење од Конзерваторскиот центар – Скопје. Таа рече дека не се работи за одолжување на процесот, туку дека во случајот и друга надлежна институција, а тоа е Управата за заштита на културното наследство, беше повикана да постапи и да изврши надзор, бидејќи тие вршат надзор во однос на Законот за заштита на културното наследство.

 „Тие инспектори, како што кажав и минатата недела, не излегуваа на терен од засега непознати причини, дури вчера беа во Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, и содржината на нивното мислење не ми е позната, но она што беше во наш домен по цела документација што беше прибрана, денес се обративме до Националната установа Конзерваторски центар – Скопје, разговаравме со в. д. директорката и очекувам во текот на денов, како првостепен орган, како што го донесе решението така и да го поништи.“

Костадиновска-Стојчевска посочи дека за стручниот дел, за содржината на конзерваторското одобрение за посочената парцела кај „Воена болница“, се надлежни стручните институции од оваа област.