Во организација на НУ „Охридско лето“, во црквата „Света Софија“ во Охрид се одржа концерт на светски познатиот тенор Федерико Сера од Италија, во придружба на пијанистот Антонио Кампоногара. Концертот е по повод 8 Mарт, Денот на жената, и е посветен на припадничките на понежниот пол, велат организаторите.
– Веќе трета година надвор од фестивалската рамка 12 јули – 20 август реализираме концерти преку цела година. Имавме прекрасен новогодишен концерт со оркестарот на Националната опера и балет, а сега следува осмомартовскиот концерт на Денот на жената со оперскиот пејач од Италија, Федерико Сера, чиј ментор е светскиот оперски пејач Андреа Бочели. Верувам дека тие оперски арии ќе нѐ однесат во светот на Џузепе Верди, во светот на Италија, и тоа ќе биде подарок за охриѓанки, а и за сите жени што сакаат да дојдат, што се поддржувачи и љубители на фестивалот „Охридско лето“ – вели директорката на НУ „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.
По осмомартовскиот концерт во организација на „Охридско лето“, следува велигденски, како завршница на концертите надвор од официјалната програма.
– Како најголема и најзначајна културна установа во државава, сакаме врвната култура да живее преку цела година, со што од една страна го афирмираме Фестивалот, а од друга страна и Охрид како град, но и државата во целина. Нудиме квалитет, а тоа го препознава нашата верна публика – вели Поповиќ.
Федерико Сера беше дел од четворицата светски познати тенори од Италија кои приредија незаборавен концерт на свеченото отворање на 62. издание на Фестивалот „Охридско лето“.