НУ Струшки вечери на поезијата со повеќе настани ќе го одбележи Светскиот ден на поезијата – 21 Март.
Главниот настан, свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година, ќе се одржи денеска со почеток во 11ː00 часот во Македонската академија на науките и уметностите во Скопје.
По прогласувањето ќе следува традиционалното поетско читање на кое ќе настапат истакнати поети, членови на Македонскиот ПЕН-центар, а ќе биде прочитано и поетското послание.
По повод Светскиот ден на поезијата, пак, во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга попладнето, со почеток во 18:30 часот, ќе биде организирано поетско читање.
Во рамките на соработката на Струшките вечери на поезијата со „Европска куќа“ (Europe House) Струга, а во чест на Светскиот ден на поезијата, во 20:00 часот ќе биде организирано поетско читање „Пулсот на поезијата“, на кое ќе настапат млади поети од Струга, Охрид, Вевчани, Скопје и од Куманово, по што ќе следува музички настап на Пијан Славеј.
Оваа година, по повод одбележувањето на Светскиот ден на поезијата, Струшките вечери на поезијата, во соработка со Министерството за образование и наука, за учениците од основните и од средните училишта за првпат објавија конкурс за избор на најдобра песна. Исто така, за време на наставата по мајчин јазик, учениците ќе бидат запознаени со важноста на денот востановен од УНЕСКО во 1999 година и важноста на поезијата како една од најблагородните и возвишени уметности на пишаниот збор.