Митрески на средба со делегацијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Сподели

 

Претседателот на Собранието, Јован Митрески денеска се сретна со членовите на Делегацијата на ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори во Република Северна Македонија, кои престојуваат во дводневна предзиборна мисија. На средбата беа присутни и Дарко Каевски како шеф на Делегацијата на Собранието во Парламентарното собрание на Советот на Европа и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието.

Целта на посетата е следење на подготовните за престојните двојни избори во земјата, а во ад-хок Комисијата како што нагласи шефот,  швајцарскиот пратеник Алфред Хер учествува по еден член од сите политички партии застапени во Парламентарната Асемблеја и тоа  Стефан Шенах од Австрија,   Крис Саид од Малта, Селивај Челенк Озен од Турција, Сибел Арслан од  Швајцарија и  Џозеф О᾽Рајли од Ирска. 

 

 

 

Претседателот Митрески осврнувајќи се на подготовките за изборите, информираше дека Собранието изминатиот период ги презеде сите неопходни чекори, во рамки на надлежностите, со цел да се обезбедат услови за спроведување на фер и демократски избори. Тој информираше дека, со изборот на седмиот член, целосно е комплетиран составот на Државната изборна комисија, донесен е  Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кои се имплементираат препораките на ОБСЕ/ОДИХР.  Тој понатаму ги запозна членовите на ад-хок комисијата со актуелните активности во Собранието и роковите за почеток на кампањата.

Соговорниците разменија мислења за предизборните коалицирања како и за прашањата кои би доминирале во изборните кампањи.

На крајот беше изразено заедничко уверување дека изборите ќе поминат со почитување на највисоките европски стандарди и практики.

Ад-хок Комисијата на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на претседателските и парламентарните избори ќе ги следи изборните процеси со 22 пратеници, кои ќе бидат присутни во државата на денот на гласањето и на 24 април и на 8 мај, а нивниот извештај ќе биде презентиран во текот на јунската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа.