За шест дена, 7 предизборни потези – власта забрзано се утврдува за 11 декември

Сподели

vlada

На 31 август лидерите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино го утврдија 11 декември за датум кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори. Веќе следниот ден владејачката партија почна со кадровски рокади во Министерството за внатрешни работи, вработувања во министерството и со серија потези во пресрет на предвремените избори.

Дел од експертската јавност и опозициските партии ваквите итни потези ги окарактеризираа како утврдување на власта во стратешки најважните институции за нивна предизборна контрола.

За неполна недела по потпишувањето на договорот за избори на 11 декември, владејaчката партија почна со својата предизборна агенда:

  1. На 1 септември, ден пред Собранието да ја изгласа привремената влада, министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, си поднесе оставка, а за министер за еден ден Собранието го именуваше Оливер Андонов. Овој тактички потег на партијата на власт беше направен за да се обезбедат клучните позиции во МВР, со проверени и лојални кадри, односно да може Чавков да биде поставен за директор на Бирото за јавна безбедност;
  2. За нов директор на Управата за безбедност и контраразузнавање беше поставен Владимир Атанасовски, кој беше „прешалтан“ од директорското место во Управата за финансиско разузнавање;
  3. На 31 август и на 1 септември МВР отвори 26 работни позиции во Секторот за внатрешни работи Битола, на кои беа вработени лица без јавен оглас. Меѓу тие што ги добија работните места се сопругата на началникот на СВР Битола и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Бојан Димовски. Според неофицијални информации, во последните десетина дена во МВР имало околу 120 вработувања без распишан јавен оглас;
  4. Во октомври МВР ќе ја направи конечната листа на нови 600 полицајци, од вкупно 3.972 кандидати колку што се пријавија на огласот, кој беше распишан на 15 јули оваа година;
  5. На 5 септември Судскиот совет на Република Македонија избра нови 25 судии, во основните, апелациските и во Врховниот суд. „Веднаш откако се распишаа изборите, проработеа тефтерчињата на осомничените од ВМРО-ДПМНЕ и преку послушниците од Судскиот совет се избраа нови 25 сваровски-судии… Џабе му се нови сваровски-судии на Груевски, ништо не го спасува, ќе одговара“, реагираа од СДСМ на изборот на судиите;
  6. Огласи за вработување на 128 лица објавија Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика, Народната банка, како и државните МЕПСО и ЕЛЕМ;
  7. Власта има намера пред изборите на 11 декември да го искористи мнозинството во Собранието и да го донесе буџетот за 2017 година, пишува денеска„Дојче веле“. „Да точно е, министерот Миноски ми потврди дека Владата сака пред избори да го донесе буџетот за 2017 година, но ние со тоа не се согласуваме и нема да го дозволиме“, изјавил за „Дојче веле“ дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.

meta.mk