Денеска е Велики Четврток

Сподели

Денеска е Велики четврток или Величетврток — ден од Страдалната седмица. Според источното христијанство тој е шести ден од Страсната седмица, односно пет дена по Лазаровата сабота и четири по Цветници.

А според западното христијанство тој е петти ден од страсната седмица, односно четири дена по Цветници. На овој ден се прави спомен на светото миење на нозете, Тајната вечера, предавањето на страшните тајни, Првосвештеничката натприродна молитва, и самото предавство на Христос.

На овој ден рано наутро пред изгрејсонце, домаќинките ги бојадисуваат првите велигденски јајца. Најпрво каснуваат малку леб, се вртат кон исток, се прекрстуваат и ги бојат првите три црвени јајца. Првото јајце, божјаче, откако ќе се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на лицето им се прави „Црвено-бело“. Божјарчето се чува цела година, до наредниот Велики четврток, и само ова јајце не скапува! Останатите јаца се бојадисуваат во различни бои и на различни начини.

На Велики Четврток се одбележуваат настаните што се случиле пред да тргне Спасителот на доброволните страданија. Во овој ден си спомнуваме за: Тајната вечера и сè што се случувало тогаш: подготовката, миењето нозе на апостолите, поуката за смирението и братољубието, посочување на предавникот и излегувањето на Јуда од вечерата, востановување на Светата евхаристија, најава за Петровото одрекување, Прошталната беседа на Христа со 11 апостоли, завршувањето на Тајната вечера и излегувањето од Ерусалим кон Елеонската Гора – во Гетсиманската Градина.

Велики Четврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.

Евангелските текстови ги опишуваат сите тие настани, а светите отци и учителите на Црквата ги разјаснуваат и толкуваат, низ своите поуки и текстови. Четивата од овие случувања се поразителни, трогателни и многу чувствени, а мислите се насочуваат кон Бога и Неговата преголема жртва за нас. Тоа е изразено и во богослужбените песни и во молитвите. Ние сме внесени во тоа и созерцателно ги предаваме нашите мисли, чувства и волја на Бога. Да бидеме со Него во последните мигови на страданијата, да бидеме Христови сострадалници, во сета ск’рб, мака и страдание. Такво треба да биде нашето христијанско срце – сочувствено и сострадално. А Кој е тој Страдалник? За кого страда? Зошто трпи? Што згреши за да биде мачен и распнат? Христос Безгрешниот Спасител на светот, страда заради нас грешните, доброволно – од љубов кон нас. Ние, пак, треба да покажеме побожност и благодарност. Да не бидеме предавници како Јуда и отстапници од Господа, ниту богопротивници како оние што Му судеа на Бога, туку да се поклониме пред долготрпеливиот Господ и Спасител Исус Христос.