ЊУЈОРК (АА) – Државниот јавен обвинител на Њујорк, Ерик Шнајдерман, започна истрага за Фондацијата „Трамп“, под обвинение дека постојат одредени неправилности, јавува Anadolu Agency (AA).
Во својата изјава за телевизискиот канал Си-ен-ен, Шнајдерман рече дека јавното обвинителство подолг период ги истражува донациите на Фондацијата „Трамп“ и се сомнева дека постојат неправилности со кои се кршат државните закони.
За време на кампањата, кандидатот на Републиканската партија за претседател на САД, Доналд Трамп, изјави дека истрагата е подигната бидејќи јавниот обвинител на Њујорк е член на Демократската партија и тврди дека истрагата е партиска наредба.
Шнајдерман соопшти дека на претходните избори ја поддржувал сегашната кандидатка на Демократската партија за претседател на САД, Хилари Клинтон. Државниот јавен обинител во својата изјава не даде детали околу истрагата.
Подолго време пратениците од американскиот Сенат, членови на Демократската партија, бараат да се поведе истрага за Фондацијата „Трамп“. Демократите обвинуваат дека Фондацијата „Трамп“ на изборите во 2013 година, на политичката група ѝ дала помош во висина од 25.000 долари за поддршка на Пем Бонди, членка на Републиканската партија и јавен обвинител на Флорида, а за возврат, тврдат демократите, била блокирана истрагата што требало да се поведе за Универзитетот „Трамп“.
Во обвинувањата насочени кон Фондацијата „Трамп“ се вели дека од 2008 година досега, Доналд Трамп не донирал во сопствената фондација, дека за 20.000 долари е купен портрет на Трамп за фондацијата и дека се правени политички донации.