На 18.септември, во недела во парк шумата Гази Баба ќе се одржи првиот велосипедски излет посветен на Европската недела на мобилноста.
На овој настан се поканети сите скопјани кои сакаат викендот да го поминат со својот велосипед, заедно со своето друштво или семејство, на првиот “Велопикник” каде што ќе имаат можност да ги откријат велосипедските потенцијали на парк шумата Гази Баба и да се забавуваат на излет со музика и во друштво на истомисленици – љубители на велосипедите.
Сите оние кои сакаат да учествуваат во пикникот треба да дојдат во недела пред 10 часот на плоштадот „Македонија“ и заедно во група со останатите велосипедисти ќе возат до парк шумата Гази Баба или пак да дојдат во 11 часот директно на локацијата на одржување на настанот.
Настанот е наменет за сите старосни групи и може секој да дојде поединечно или со своето друштво, семејство, деца, пријатели, соработници, и да помине ден во природа на првиот велопикник во Скопје.
Европската недела на мобилноста е кампања за креирање на навики и алтернативи за одржлив транспорт на луѓето кои живеат во градовите. Во кампањата учествуваат 1966 градови во Европа, меѓу кои и Скопје.
“Велопикникот” е иницијатива за одбележување на европската недела на мобилноста на здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка од Градот Скопје.