Под мотото ,,На одмор сум во Скопје сум“, Општина Центар од 25 до 28 јуни ќе реализира серија настани наменети за сите деца и млади кои овие жешки денови ги поминуваат во главниот град. Во вечерните часови, на повеќе локации ќе се одржуваат спортски активности, театарски претстави за најмладите, креативни работилници.
,,Ако сте на одмор, а во Скопје, само за вас неделава подготвивме спортски настани, претстави и концерти. Ве поканувам сите на дружење, спорт и забава на отворено. За нашите деца и млади ќе има квалитетни едукативни и спортски содржини. Ќе играме баскет со шампиниоте на КК Работнички, ќе има и детски театарски претстави, интерактивни работилници и концерти. Целта ни е да ја разбиеме оваа летна монотонија и да ги раздвижиме сите оние кои останаа во Скопје и не се заминати на одмор. Сакаме, пред се, да ги анимираме најмладите да излезат од дома, да ги остават компјутерите и мобилните и да ни се приклучат, да се забавуваме и да се дружиме. Ќе им понудиме доживување што ќе го паметат“, порача градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски.
Програмата стартува утре со баскет перформанс на кошаркарите на Работнички, во 19.00 часот во Парк Капиштец. Во среда во 19 часот на деткото игралиште Зебра, ќе се одржи едукативна работилница со Стела и Сани, а во четврток во Парк Капиштец, во ист термин најмалите ќе можат да уживаат во претставата „Солта поскапа од злато“, во изведба на Театар Среќа. Завршуваме со интерактивен концерт и театар во Паркот на франкофонија, со почеток од 18.30, под диригентска палка и организација на Стела и Стани.
,, На одмор сум во Скопје сум“ е еден од многуте проекти на Општина Центар посветени на збогатување на културниот и забавен живот во општината.