Галерија Грал и МКЦ Скопје имаат чест и задоволство да ве поканат на отварањето на изложбата “Чемерски: Низ цртеж, отпосле” на реномираниот македонски уметник и академик Глигор Чемерски.
Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојуваше во Париз, каде што беше застапуван од галеријата Galerie du Fleuve (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализираше повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Galerie du Fleuve, создадени во тој период.
Глигор Чемерски (1940- 2016, Кавадарци, Македонија) сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија. Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.
Отварањето на изложбата ќе се оддржи на 24 јуни (понеделник) во 20:00 часот, во галеријата на Младинскиот културен центар.
Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска.