Поетите истрајуваат – Маргарет Етвуд

Сподели

aaaa

Поетите истрајуваат.
Тешко е да се отарасиш од нив,
а вистина е дека многумина пробале.
Ги одминуваме на патот
Кадешто стојат со нивните чинии за просење,
обичај од памтивек.
Сега во нив нема ништо
освен исушени муви и оштетени парички.
Зјапаат само напред.
Да не се мртви?
Сепак, го имаат погледот што оди на нерви
на оние кои знаат повеќе од нас.

Повеќе за што?
Што тврдат дека знаат?
Гугнете, им саскаме.
Само кажете!
Ако побарате прост одговор,
е тогаш се преправаат дека се луди,
или пијани, или сиромашни.
Ги облекоа тие костими
одамна,
тие црни џемпери, тие партали;
и сега не можат да ги слечат.
А и забите не им чинат.
Тоа им е една од маките.
Треба малку да ги средат на забар.

А и крилата не им чинат.
Деновиве немаат што да понудат
во однос на летањето.
Нема веќе вивнување, нема сјај,
нема подбивање.
Па кој ги плаќа?
(Да претпоставиме дека ги плаќаат.)
Не можат да се кренат од земјата,
ни тие, ни нивните калливи пердуви.
Ако летаат, одат надолу,
во влажната сива земја.

Одете си, им велиме –
и земете си ја досадната тага.
Не сте добредојдени тука.
Сте заборавиле како да ни кажете
колку сме возвишени.
Дека љубовта ќе реши сѐ:
отсекогаш ни се допаѓаше таа реченица.
Сте заборавиле како да се подлизувате.
Не сте веќе мудри.
Сте ја изгубиле убавината.

Но поетите издржуваат.
А, пред сѐ, упорни се.
Не можат да пеат, не можат да летаат.
Само потскокнуваат и грачат
и се трескаат од воздухот
небаре во кафези се,
и кажуваат истрошени шеги.
Ако некој ги праша, велат
го кажувале тоа што мораат.
Боже, колку се вообразени.

Сепак, знаат нешто.
Да, знаат нешто.
Нешто што шепотат,
Нешто што не можеме да го дочуеме.
Да не е за секс?
Да не е за прашина?
Да не е за страв?

(прев. Никола Ѓелинчески)