Министерот Љутков упати сочувство по повод смртта на светски етаблираниот писател Исмаил Кадаре.
„Од името на Министерството за култура и туризам и од мое лично име, сакам да го искажам моето искрено сочувство до семејството на големиот албански писател Исмаил Кадаре и до граѓаните на Република Албанија за огромната загуба на еден од најбрилијантните современи писатели. Делото на големиот раскажувач Исмаил Кадаре ја осветлува комплексната историја и култура на неговата родна земја, истовремено доловувајќи универзални приказни“, напиша во телеграмата со сочувство министерот Љутков. Тој посочува дека длабокото книжевно дело на Кадаре доби меѓународно признание и многубројни награди, со што ја позиционираше албанската литература на врвот на светската книжевност.
„Истовремено, тој создаде дела кои потсетуваат дека големи автори може да се родат и да творат на која било точка од планетата. Живото наследство на Кадаре ќе продолжи да биде светлина и да ги инспирира и читателите и писателите насекаде во светот “, пишува во телеграмата со сочувство.
Албанската влада прогласи дводневна жалост во знак на почит кон најголемиот албански писател Исмаил Кадаре, кој на 88-годишна возраст почина во Тирана.
Кадаре е еден од најбрилијантните современи писатели, добитник е на многу меѓународни награди, а неколкупати е номиниран за Нобеловата награда за литература. Најпознато дело му е „Генералот на мртвата војска“. Неговите дела се преведени на околу 45 различни јазици, со што е главен претставник на албанската литература во светот.