Недела на дизајн во Скопје

Сподели

„Чиста мобилност“ е темата на годинешното издание на „Недела на дизајн во Скопје“ што ќе се одржува од утре (6 јули) до 10 ноември во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, „Мала станица“ и книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“, најави организаторот.

Најавено е дека во рамките на фестивалот ќе има изложбен дел за компании, викенд „pop up market“, панел-дискусии, работилници, стручни предавања за  дизајн, работилници за деца, како и програма во живо каде што акцентот е на музиката.

Целта на фестивалот, кој ги третира индустрискиот дизајн и дизајнот на производ, е да се подигне свеста за функционалноста на дизајнот и создавањето иновативни решенија на производи, но овојпат со предзнакот еко и циркуларна економија. Покрај стандардните повици за изложбен дел и „pop up market“, ќе има и трет повик, овојпат целосно насочен кон велосипедизмот во Скопје и сите аспекти на решенија за безбедноста на велосипедистите во сообраќајот.

Оваа година „Недела на дизајн во Скопје“ (Skopje Design Week) е дел од европската мрежа на манифестации „Следна генерација дизајн“ (Next gen Design) за дизајн во друштво на „Миксер“ од Белград, „Што може да направи дизајнот“ (What Design Can Do) од Амстердам, „Недела на дизајн во Барселона“ (Barcelona Design Week) и „Дизајн Австрија“ (Designaustria). Сите платформи во фокус ги ставаат Зелената агенда и екодизајнот на идните млади дизајнери под европскиот проект „Next Gen Design“.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам и Европската комисија.