СИНЕДЕЈС 2024 со огромна радост и вечна верба во поубавото утре ја најавува македонската премиера на филмот: “EFTERKLANG: MAKEDONIUM BAND” во режија на Андреас Јонсен, а во продукција на #МКЦ Скопје, Росфорт и Румракет од Данска.
11 јули 2024 година, СВЕЧЕНО ОТВОРАЊЕ на 23. издание на фестивалот на европски филм CINEDAYS! 20:30 часот
Музичкиот документарен филм кој се снимаше во текот на април 2023, претставува шармантен увид во дарежливата и културна размена која премостува граници, меѓу македонскиот музички свет и данскиот бенд Ефтеркланг. Идејата на ова комично и себеспознавачко патешествие е со цел составување на мега ансамбл и нивен заеднички перформанс пред споменикот “Македониум”, во чест на симболот на архитектонскиот споменик за слобода и независност. Бендот е сочинет од 22 музичари, од кои покрај данскиот состав Efterklang членува и Женскиот младински хор при МКЦ со 16 хористки, како и истакнатите музичари Стефче Стојковски, Дејан Спасовиќ, Дина Јашари, Ива Дамјановски, Мартина Баракоска и Јане Трајковски.
Билети во продажба на добро познатиот линк www.bileti.mkc.mk / билетарница на МКЦ во ептен лимитиран број!
Фантастичните 2 распродадени проекции на најголемиот фестивал за документарен филм CPH:Dox во Копенхаген, Данска беа уште поголема мотивација да успееме во намерата и покрај прикажувањето на самиот филм, да го одржиме и концертот на целосниот состав на Efterklang: Makedonium Band веднаш по проекцијата!
Во паркот зад МКЦ, повторно ќе ја реоживееме магијата која остана да лебди како ѕвездена прашина над македонското музичко небо.
По концертот, свечено ќе се забавуваме и на диџеј сетот на Fitz from Earth или диџеј STROGO POP до раните утрински часови!
Наскоро објава и за целосната програма на фестивалот 23.CINEDAYS 2024 11-17 јули