Демант на ЈП Комунална хигиена-Скопје на изјавата наградоначалникот на О.Чаир

Сподели

ЈП Комунална хигиена-Скопје ја демантира изјавата на градоначалникот на општината Чаир, којшто наведува низа невистинити информации поврзани со активностите на Претпријатието во оваа скопска општина.

ЈП Комунална хигиена-Скопје ја информира јавноста дека на територијата на општината Чаир, комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој, според динамиката утврдена со Оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Само во текот на месец јуни 2024 година, од подрачјето на општината Чаир се подигнати и транспортирани вкупно 1500 тони комунален отпад.

Воедно, во оваа скопска општина секојдневно се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни, во согласност со  Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје. Како што досега во повеќе наврати ги информиравме медиумите, ЈП Комунална хигиена-Скопје во изминатиов период се соочува и со појава на тенденциозно непрописно одлагање отпад на јавни површини којашто резултира со енормно зголемена појава на диви депонии, што е особено
изразено во општината Чаир.

Би сакале да напоменеме дека отстранувањето на дивите депонии претставува вонредна активност на ЈП Комунална хигиена-Скопје, при што Претпријатието секојдневно е изложено на дополнителни финансиски трошоци, надвор од Оперативниот план и Програма за работа.
Во таа насока, во текот на месец јуни во општината Чаир се отстранети приближно 500  кубни метри отпад од огромен број диви депонии, лоцирани на улиците Џон Кенеди, Цветан Димов, Вуковарска, Ферид Мурат, Ресенска, булеварите Крсте Мисирков, Македонско-косовска бригада и Никола Карев (Пластичарска  улица) итн.
И покрај секојдневното прекршување на Законот за јавна чистота, не сме запознати дека инспекциските служби при општината Чаир досега излегле на терен да ја констатираат оваа алармантна состојба и да ги санкционираат загадувачите на животната средина.
Го повикуваме и градоначалникот на општината Чаир да ги посети овие локации каде што секојдневно непрописно и несовесно се одлага отпад на јавни и сообраќајни површини и да ги информира жителите на општината дека ваквото однесување директно резултира со загадување на животната средина и загрозување на јавното здравје.

ЈП Комунална хигиена-Скопје и понатаму продолжува на граѓаните да им ја нуди можноста својот стар мебел и неупотребливите електронски и електрични уреди  да ги одложат без плаќање на надоместок во центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, од 09 до 19
часот. Воедно, на бесплатниот телефонски број 0800 222 33, корисниците може да ја нарачаат и услугата за преземање и транспорт на кабастиот отпад директно од нивните домови.