Герасимовски: Стравувањето со вандализмот бара законски измени

Сподели

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски иницираше средба со проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова од Институт за социологија при Филозофскиот факултет на која разговараше за девијантното однесување и вандализмот во Капиштец. На средбата беше потенцирано дека вандализмот и деструкцијата кај младите е проблем кој мора да се адресира со соодветни законски решенија и стратегија.

„После она што го видовме на снимките од игралиштето во Капиштец со право секој од нас ќе се запраша постојат ли казни или санкции за сторителите, а ако се тие малолетни, за нивните родители? Затоа решив да покренам иницијатива, која ќе биде доставена и до Зелс. Го задолжив правниот сектор и секторот за јавни дејности да изготват предлог измени во законите од доменот на деца, родителството, основното и средно образование, малолетничката деликвенција, се со цел да ја подигнеме свеста и да воведеме мерки за ресоцијализација на младите и нивните родители преку воведување општо корисна работа“, посочи Герасимовски на средбата.

Иванова потенцираше дека справувањето со девијантното однесување кај младите бара поширока кампања.

„Решението за девијантното однесување кај младите бара поширока кампања во која не треба да бидат вклучени само стручни лица, туку треба да има општа мобилизација и работа не само со децата, туку и со родителите за да имаме резултати“, рече  Иванова.

Општина Центар пред неколку дена објави видео снимки на кои млади лица насилно се однесуваат и кршат реквизити на детски игралишта. Видео снимките ги доби од загрижени жители од околните згради кои скришно ги снимале. Општината случајот како и претходните го пријави во полиција со цел да се пронајдат сторителите. Во општината насилното однесување е честа појава со која општината се обидува да се справи веќе подолго време. Периодов во Општина Центар има зголемено полициско присуство.