Гаши: Нема вмешаност на обезбедувањето на скопскиот аеродром

Сподели

Кабинетот на претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, демантира каква била вмешаност на членови на неговото лично обезбедување во инцидентот на скопскиот аеродром, како што пренесуваат одредени медиуми.

Наспроти овие информации, членовите на безбедносниот тим на претседателот на Собранието Гаши биле присутни само за да се смири ситуацијата настаната од недоразбирањето меѓу обезбедувањето на претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, и припадниците на аеродромското обезбедување.

Обезбедувањето на претседателот Гаши, кои се вработени во МВР, интервенирале да ја смират ситуацијата и да им помагаат на нивните колеги за спроведување на безбедносните постапки при посета на ВИП личности.

Притоа потенцираме дека секое известување кое го сугерира спротивното е тенденциозно. Исто така ги повикуваме и медиумите кои известуваат за овој настан да ги проверат тие информации пред да објават вакви тврдења и да постапат со професионална и етичка одговорност.

Овој демант следува по соопштението на МВР во кое се вели дека на Меѓународниот аеродром Скопје додека претседателката на Косово поминувала на гранична контрола, во моментот кога било побарано да го остави телефонот да помине низ скенер, едно лице од нејзиното обезбедување го оттргнал вработениот во ТАВ, со цел таа да помине без скениран телефон и рачен багаж. Но, потоа сепак багажот бил вратен и поминал низ скенер. По половина час, дошло лице од обезбедувањето на претседателот на Собранието Гаши(полициски службеник)  со уште две лица (полициски службеници) и почнал да се заканува кон вработените во ТАВ и да бара кој и направил проблем на претседателката. При тоа турнал и полициски службеник вработен на граничниот премин. Веднаш е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и во координација со ОЈО за ГОКК се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.