НЕКОГО МОРА ДА САКАШ – ИВАН МИНАТИ

Сподели

 

minati3-69-75

Некого мора да сакаш
макар тоа трева, река, дрво или камен било,
некому мораш да наслониш рака на рамо
гладен таков да се наситиш близина
некому мораш, мораш,
тоа е како леб, како голтка вода,
мораш да ги дариш своите бели облаци
плашливите соништа – птици
своите плашливи птици немоќ
и за нив некаде има
гнездо – мир и достоинство
некого мора да сакаш
макар тоа трева, река, камен, дрво било
дрвјата и тревата знаат што е самотија
чекорите секогаш одминуваат,
иако застануваат за миг
реката знае жал што е,
погледне ли длабоко во себе
каменот знае колку боли
нога кога немо срце гази
некого мора да сакаш
некого мора да сакаш
со некого в чекор да одиш
во иста дира
о треви, реко, камен, дрво,
тивки собитија на осамените и чудните,
добри големини кои зборувате само кога луѓето ќе замолкнат.