Одгледувачите на овци и кози да ги засилат мерките за заштита од болеста Чума кај малите преживари

Сподели

Агенцијата за храна и ветеринарство ја следи состојбата со болеста Чума кај малите преживари (Peste  des  Pestitis  Ruminants) која е потврдена во регионов. Со цел зачувување на статус земја слободна од болеста, извоз на живи животни, месо од овци и кози и нивни производи во Европската Унија и заштита од  внесување на  вирусот  на болеста на сила се решенијата за забрана на увоз и транзит на живи животни (домашни и диви овци и кози) и производи и нус производи од животинско потекло од регионите каде е потврдена болеста во Република Романија и во Република Грција, кои АХВ ги донесе во јули годинава веднаш по потврдувањето на болеста во посочените региони во овие земји. 

Како одговорна институција и за здравствената заштита на животните, по потврдувањето на болеста и во регионот, АХВ ги извести Ветеринарната комора, ветеринарните друштва, одгледувачите на животни и официјалните ветеринари за нивните обврски во однос на спроведување на активности за рано откривање на болеста чума кај мали преживари. Упатен е апел одгледувачите веднаш да пријават до ветеринарните друштва и официјалните ветеринари доколку забележат појава на симптоми на болеста, дури и кај едно животно,при што ни едно од животните не смее да го напушти одгледувалиштето. Од таму не смее да се изнесуваат животните, производи од животинско потекло, опрема, измет и ѓубре.

Во случај на сомнеж или потврда на болеста ќе се применуваат мерките од Планот за итни мерки и оперативниот прирачник за чума кај малите преживари кои Агенцијата ги подготви и донесе уште во 2018 година. Со Планот и оперативниот прирачник се уредуваат постапките и активностите кои треба да се спроведат и применуваат согласно Законот за ветеринарно здравство и Одлуката за планови за итни мерки кај животните. Со овие документи се овозможува ефикасно и ефективно спроведување на мерките за заштита и контрола на приемчивата популација животни – овци и кози, како и брза проценка за ограничување или отстранување  на ризикот за внес и ширење на вирусот.  

Ветеринарните друштва треба да го зголемат нивото на претпазливост и веднаш да пријават до официјалниот ветеринар доколку забележат некои од симптомите на оваа болест, или угинување на животни од видовите овци и кози. 
Болеста чума кај малите преживари претставува вирусно заболување кај козите и овците, предизвикано од morbilli вирус од фамилијата парамиксовируси и предизвикува големи економски штети. Заразувањето (морбидитетот) на приемчивите животни може да биде  од 90 до 100%, а стапката на смртност (морталитет) се движи помеѓу 50 и 100% и е особено изразен кај подмладокот. 

РЕШЕНИЕ ЗА БЕЗБЕДНОСНИ МЕРКИ ВО ОДНОС НА БОЛЕСТА ЧУМА КАЈ МАЛИТЕ ПРЕЖИВАРИ