Објавена е петтата книга, всушност втора книга од вториот том од серијата ,,Османлиски документи за историјата на Македонија, пописи од XIX век – за Скопски Санџак“, за почетокот на втората четвртина од XIX век, односно 1832/33 година, што всушност претставува продолжение на серијата почната од Државниот архив од 2018 година.
Се работи за попис на обработени делови на оригиналниот дефтер, кои се однесуваат на ромското население со исламска и христијанска вероисповед, Еврејското Маало, како и неженетите занаетчии – еснафи од Скопската Каза во рамките на Скопскиот Санџак, предвиден за маалата во градот Скопје и неговите села и сосема на крајот селата во нахијата на Качаник од втората четвртина на XIX век (1832/33 година).
Со оваа книга се заокружува целиот спроведен попис од страна на Османлиската Држава за целото население без разлика на верска или етничка припадност од Скопската Каза на Скопскиот Санџак од 1832/33 година.Овие прикажани пописи во Османлиската Држава од 1832/33 година претставуваат први современи пописи спроведени на нејзина територија бидејќи за разлика од пописите од поодамнешните векови, овие пописи од XIX век наликуваат на модерните пописи и бидејќи содржат податоци за вкупниот број на машко население без разлика на возраст, даночна обврска, професија или социоекономска моќ, со што османлиската историографија со право ги нарекува и ги третира како први современи пописи воопшто спроведени на нејзината територија.
Книгата е издадена на македонски и албански јазик.