„По донесување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки и обврска на трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количества на одделни стоки на потрошувачите според определен редослед (Службен весник на РСМ, бр. 196 од 23.09.2024 година) пазарниот инспекторат е задолжен да ги контролира трговците на мало и трговците на големо дали ја почитуваат Одлуката. Трговците имаа доволно време да ги прилагодат цените. Пазарниот инспекторат е на терен низ цела територија на Македонија со повеќе од 40 тимови односно повеќе од 120 инспектори ротирани во различни градови.
Како што сум напоменувал претходно така и сега, напоменувам дека толеранција нема да има. Пазарниот инспекторат постапува по Законот за трговија, каде казните се високи и изнесуваат од 2000 до 10000 евра, а онаму каде што ќе се применуваат нечесни трговски практики ќе се постапува по Законот за заштита на потрошувачите каде ќе има можност и за затворање на објекти, изјави директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Одлуката се базира на бруто профитна маржа од 10%, тоа значи, доколку трговецот на мало претходно заработувал 6% маржа од производот, сега нема обврска да ја намали цената, затоа е што во рамки на предвидената маржа од 10%, што е во согласност со Одлуката. Заради тоа некои цени на производите опфатени со Одлуката се исти и не се намалени.
Производите кои се опфатени со Одлуката, мора да бидат јасно обележани и да ја содржат пропишаната ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ за да можат граѓаните да знаат за кои производи станува збор.
Исто така со Одлуката се опфатени и пекарите во согласност со член 3 од Законот за трговија.
Имам нулта толеранција за притисоци и ќе се постапува исклучително според Одлуката и законот ќе важи исто за сите.
Апелирам до трговците да ја почитуваат Одлуката и да не пробуваат на било каков начин да ја заобиколуваат“ – изјави Горан Трајковски, директор на Државниот пазарен инспекторат.