Блиску до камено доба! – Мерсел БИЉАЛИ

Сподели

Херман Хесе вели: „Многу добри работи би се случиле доколку секој гласно каже што сака!” Cегашниот свет изгледа како место каде што никој не кажува што сака. А никој и не прашува! Како да им е сеедно, а од „сеедно“ никој се нема вратено. Светскиот безбедносен систем е клинички мртов, a планетата влегува во неконтролиран хаос. Состојбата наликува на 1938/1939 година, кога се молчело додека Австрија била анектирана! Сe молчело и по окупацијата на судетскиот дел од тогашна Чешкословачка, а за кратко време и на целата таа држава. Но, кога била нападната и Полска, тогаш веќе станало доцна за реагирање оти веќе била финализирана огромна светска фабрика на смртта. 

Путин, во 2008 година ја откачи Јужна Осетија од Грузија, ама западниот свет тогаш молчеше поради рускиот гас! Потоа истото и го стори со Абхазија, а светот продолжи да молчи! Во 2014 година Путин го окупира цел Крим, но пак убавиот мирис на рускиот гас наложи молчење. А кога пред две години беше нападната цела Украина, стана веќе касно за зборење, оти веќе беше во погон таа огромна фабрика на смртта. Потоа, многу жалопојки од повеќе влади наликуваа на некаков глув неакордиран оркестар со многу труби! Меѓународната политика веќе беше претворена во работилница за производство на минатото и неизвесноста.

Содржината на неодамннешото тајно писмо на Путин било пресретнато од украински служби! Се претпоставува дека писмото е напишан од Вјачеслав Володин – шеф на Државната дума. Содржината предвидува пеколен план за Европа по војната во Украина. Во писмото се прикажува планот од пет чекори кои што треба да се спроведат по завршувањето на „специјалната операција“ за Украина и „падот на режимот во Киев“. Во писмото се вели: „По завршувањето на специјалната воена операција во Украина и падот на режимот во Киев, руската конфронтација со Западот не треба да заврши, туку ќе треба да се интензивира“. Володин во писмото го критикува „срамниот“ Договор од Брест-Литовск, по Првата светска војна со кој Русија ја загуби контролата врз Украина, Полска, Белорусија, балтичките територии и нејзините кавкаски провинции Карс и Батум. Дека токму тој договор има доведено до подоцнежно формирање на државите како Литванија, Латвија и Естонија. Во писмото се бара поништување на ефектите од тој договор!

Од писмото се откриваат клучни идеи за национализирање на важните индустриски капацитети, за зголемување на цензурата, за бришење на внатрешната опозиција, за „дезападизација на Русија“ и за „извоз на хаос“ низ цела Европа. Важниот чекор веќе е направен со Газа, со што е запален голем делод Блискиот исток – во Либан, Јемен, Јужен Судан, Сирија, Ирак. Јеменските Хути покажаа способност да ги попречат виталните бродски рути кои минуваат низ Суецкиот канал. Од друга страна Северна Кореја почна со серија инциденти против Јужната Кореја. Кина не ги крие своите планови за конечно решение со Тајван. На листата на светски пожари треба да се додаде и Балканот – БиХ, Србија, Косово, Црна Гора, Македонија, Бугарија итн. Сега низ Европа зајакнува екстремната десница и се будат националистички движења. Веќе е создадено е мнение дека светот е дојден до точка од која речиси нема мирно решение! Кај некои дури мирот стана здодевен! А светскиот безбедносен систем во голема мера е колабиран. Меѓународното право и Повелбата на ОН постојат само во книгите на студентите. ОН е сведена во статус на невладина организација. Израел дури му забрани на генералниот секретар на ОН Гутереш да влезе во Израел оти „недвосмислено“ не го осуди иранскиот ракетен напад врз Израел. Се чини дека сега членките на меѓународната заедница не можат да се договорат ниту за тоа колку е часот. Изгледа дека се воведува нов светски поредок заснован врз сила, кое ако не се надмине има шанси да ја уништи надежта на целото човештво за подобро утре!

Ќе има ли нуклеарна војна?

Рускиот претседател Путин постојано праќа пораки за неговата подготвеност да користи тактичко нуклеарно оружје (за почеток), иако на Запад сеуште тоа се третира како тактика, со цел Западот да не и испорача на Украина долгометни ракети со кои би се гаѓало длабоко во руска теритрија. Последната таква закана дојде и во путиново обраќање на нацијата, кога тој го предупреди Западот дека „продлабочувањето на западното учество во борбите во Украина ќе доведе до нуклеарна војна“.

Дека тоа се сфаќа сериозно покажуваат и информациите за подигање на степенот на подготвеност дури и во главните американски воени во самата територија на САД. Поморската база „Кингс Беј“ која се наоѓа во близина на Сент Мери во Џорџија и „Џексонвил“ во Флорида се на високстепена готовност. Исто е и со базата на Атлантската флота и со голем број подморници наоружани со балистички ракети со нуклеарен погон. И за посебно ефикасните подморници со нуклеарно оружје – „Тридент“. САД имаат над 40 поморски најголеми бази на светот кои исто така се на висок степен на готовност. Поморската база „Норфолк“ во југоисточна Вирџинија која има површина од околу 14 квадратни километри е перманентно будна. Исто е и со базата „Норфолк“, која обезбедува оперативна поддршка на американско-атлантска флота, кај што е сместена многу голема концентрација на американската морнарица од 75 воени бродови и 134 авиони. Слично е и во базата „Вајтмен“ во близина на Ноб Ностер во Мисури кај што се сместени тешките бомбардето „Б-2 Spirit“. Тоа е како превенција од можен поширок руски напад со интерконтинентални балистички ракети „Сармат“ РС-28 (на Запад позната како „Сатана II“), која има дострел од над 10.000 километри.

Македонија сонува романтика!

При вакво бурно време, Орбан продолжува да шурува со Путин. Дури има и надлудничави изјави – „Унгарија би ѝ попуштила на Русија“ – кажа пред некој ден главниот помошник на унгарскиот премиер Орбан. И дека „Украинците загинале за џабе. Да бев во кожата на Украинците, немаше да се борам со Русите!“ – изјави тој, и додаде „Дека е научена лекцијата од неуспешното возвраќање на Унгарија против Русите во 1956 година“! Поглупаво – здравје! Унгарската опозиција и целиот Запад е згрозен од таквата изјава. Поранешниот премиер на Унгарија Ференц Ѓурчани, изјави дека: „Владата на Орбан ќе им ја предаде Унгарија на Русите без борба“.

При ваква опасна светска бура, нашата сеуште нова влада за евтини поени, полна со омраза плови со скршен сплав кон опасен водопад. Не сфаќаат дека ние сме премала и преслаба држава за такви големи игри, кои веројатно и на самиот Орбан брзо скапо ќе го чинат. Голото политиканство понекогаш не само што е штетно за државата туку и погубно. Многу е лошо кога на луѓето им велите дека ќе ги браните од муви, а им пуштате оси. Не смееме врз човечките судбини и страдања да изградиме кули од сништата, оти тие ќе се уриваат врз нас. Владата прави кобна грешка со манипулацијата за „бугарскиот диктат“ или „ултиматум“, оти така се сече токму гранката на која се седи. Францускиот предлог е европски предлог, и многу неутралци добри познавачи мислат дека отстапките на релација Македонија – Бугарија во голема мера се во полза на нашата држава. Тука пред сè, долгогодишната негација на државноста и етничноста е исклучена. Другото си е обична техника. Лук и вода.

Албанија има многу повеќе проблеми со Грција (законот за воена состојба уште е на сила, масакрирањето на Чамите, силното црковна влијане врз Албанската православна црква, оспорување на границата, проблеми со територијалното море итн.). Но, сепак со мудар пристап, прави Грција да не ја попречува во преговорите. Најлошо е кога политиката се третира како обид да се даде смисла на некакво владеење што се практикува од просечни личности. Оттука, ние наместо со дрвја и камења против прифатените договори и бугарски политичари, веднаш треба да пристапиме кон нашите уставни измени, оти времето сега лета со светлосна брзина. Денес не се знае веќе ниту утрото што ќе донесе! Играта е многу длабока, а и ептен опасна. Јавна тајна е дека самата инвазија врз Газа е провоцирана од ХАМАС, кој е тесно врзан за Иран, а таа со Русија. Масакрот на ХАМАС врз израелски цивили како предизвикувач на војната, е сосема извесно дека некој го нарачал со далечински управувач.

Прашање на моменти кога Израел ќе му возврати на Иран, и тоа нема да биде обична канта со бензин врз огин, туку цел танкер. Мора да разбереме дека пеколот изгледа дека постои и на овој овдешен свет! Потребни се одговорни политичари, а не камења, кои може да не вратат во камено доба!