Историските вредности од 11 Октомври се нашиот патоказ за иднината

Сподели

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, потсети на значењето на партизанската борба и нејзиното наследство, кое ги дефинира основните вредности на македонското општество денес. Тој нагласи дека историјата и идеалите на партизаните остануваат врежани во корените на нацијата.

„Пред 83 години, македонскиот народ, заедно со нашите сограѓани од сите етнички заедници, направи историски исчекор во борбата за слобода и сопствена држава. Македонските партизани предводеа движење кое прерасна во општонародна борба и создаде силна македонска војска“, истакна Филипче во своето обраќање.

Тој ја потенцира важноста на единството во борбата за слобода и правдина, подвлекувајќи дека токму тоа заедништво ја постави Македонија на вистинската страна на историјата. Како продолжувачи на традицијата на НОБ и вредностите на АСНОМ, СДСМ останува посветена на остварување на тие идеали.

„Нашите корени се во храбрата борба на партизаните, а нивното наследство и денес ги обликува нашите вредности“, додаде Филипче.

Филипче направи и паралела меѓу борбата за слобода во 1941 година и денешните предизвици пред кои се исправени граѓаните и државата.

„Денес се бориме за стабилна, интегрирана и просперитетна Македонија, со силна поддршка од нашите европски сојузници“, нагласи тој, укажувајќи на важноста од членството во Европската Унија како стратешка цел.

Претседателот на СДСМ го критикуваше актуелното владино раководство, оценувајќи дека тоа е првата македонска влада што свесно се откажува од европската иднина на земјата.

„Наместо да води храбра борба за остварување на европскиот сон, таа го турка народот кон самосожалување и откажување од нашите цели“.

Во завршниот дел од обраќањето, Филипче истакна дека СДСМ ќе продолжи да се бори за интересите на граѓаните, со уверување дека борбата за Македонија е борба на сите.

„Нека ни биде водич победничкиот дух на 11 Октомври во сите идни битки и одлуки“, заврши тој.