НБРМ со обука за царинските работници за препознавање фалсификувани пари

Сподели

Преку постојано зајакнување на капацитетите на институциите, Народната банка го јакне системот за справување со фалсификуваните пари. Имајќи предвид дека јавните службеници, вршејќи ја својата должност, секојдневно доаѓаат во контакт со книжни и ковани пари и се првата бариера во заштитата на интегритетот на парите, нивното обучување за воочување сомнителни примероци, за нивно отстранување и за доставување до Народната банка е суштинско во борбата против фалсификатите. Оттаму, во Народната банка, во рамките на соработката со Царинската управа, обучувачи од Дирекцијата за трезорско работење одржаа обука за царинските работници за препознавање сомнителни пари и за справување со нив.

Како препорака од твининг-проектот „Јакнење на капацитетите на системот за борба против фалсификување евра“, Народната банка започна да организира обуки за претставници од институциите вклучени во системот за справување со фалсификување пари, односно од Министерството за внатрешни работи, Царинската управа, Јавното обвинителство и од Финансиската полиција. Исто така, редовно се организираат задолжителни обуки за запознавање со заштитните елементи на домашните и на странските валути за вработените во банките и центрите за готовина. Само минатата година низ обуките поминаа повеќе од 200 професионалци. 

Народната банка инаку е единствената овластена институција за утврдување на автентичноста на книжните и кованите денари и странски валути. Во изминатиот период, засилено се врши и размена на податоци со националните и меѓународните институции за спроведување техничка анализа и откривање фалсификувани пари.