Недела на романски филм во Кинотека

Сподели

Во Кинотеката од денеска до 18 октомври ќе се одржи „Недела на романски филм“ во чии рамки ќе бидат прикажани три играни и два документарни филма. Вечер ќе се прикажува филмот „Дете од војна“, во режија на Мариан Кришан.

– Романската кинематографија доживеа вистински подем во последните две децении, со таканаречениот „нов романски бран“ како водечко движење кое внесе свежина и оригиналност на европската филмска сцена и филмови кои се карактеризираат со минималистички пристап, документарен стил, социјално-политички теми и силна критика на посткомунистичкото општество. Режисерите, како Кристи Пују, Кристиан Мунџиу, Корнелиу Порумбоју и Раду Жуде, успеаја да ја постават Романија на мапата на светската кинематографија преку своите реалистични и интензивни филмови – соопштија од Кинотеката.

Циклусот на романски филмови за 2024 година во Кинотеката на РС Македонија ги претставува најновите достигнувања на романската кинематографија, нагласувајќи ја нејзината креативна разновидност и актуелните општествени теми. Со избор на интензивни и инспиративни наслови, овој циклус поттикнува важни разговори и овозможува темелно запознавање со романската култура и проблематика. Очекуваме нови возбудливи проекти во иднина и продолжување на оваа значајна кинематографска размена. Целата програма е објавена на страницата и на социјалните мрежи на Кинотеката. Селектор на програмата е Бојан Станишиќ, уредник на филмската програма при Кинотеката.