Да се заштити најретката пеперутка во Европа и да се спречи нејзината (не)легална трговија низ светот – ова е мисијата на која тргнаа Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со неколку меѓународни организации и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Македонската сивка, македонски стеноендемит кој единствено може да се сретне на сувите и карпести ридови на Плетвар, претставува најреткиот и истовремено најзагрозениот вид пеперутка во Европа. Овој мал сив летач е соочен со многу предизвици и опасности од климатски промени, до уништување на неговото живеалиште и нелегална трговија. Времето молскавично брзо пролетува и секоја нова измината летна сезона, опстанокот на сивката станува сѐ понеизвесен.
Институтот за комуникациски студии и редакцијата на ДОМА ќе одржата презентација и предавање околу приказната за македонската сивка, опасностите со кои се соочува како и за плановите за нејзината заштита. На предавањето ќе биде прикажан и истражувачкиот документарен филм „Природата на продажба“ кој беше изработен од ИКС во соработка со Дојче Веле.
Настанот ќе биде во НУ Природонаучен Музеј на Македонија, на 1 ноември, во 19 часот.
Влезот е слободен.