Претседателот на Собранието, Африм Гаши и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, остварија средба со амбасадорките на Германија и на Швајцарија, Петра Дрекслер и Вероник Улман, со експерти од германскиот Бундестаг и со претставници на НДИ, по повод примопредавањето на безбедносните рентген скенери од Бундестагот за нашето Собрание.
Претседателот Гаши се заблагодари од името на сите пратеници и граѓани, до Германија, Швајцарија и НДИ, за институционалното предавање на рентген скенерите, со што се подигнува степенот на безбедност, транспарентност и пристапност на законодавниот дом, неговиот кредибилитет и достоинство. По оваа донација и обуките, ќе биде ставен поголем фокус на безбедносното прашање, рече Гаши.
Германската амбасадорка Дрекслер, во пресрет на фактичкото примопредавање, го потенцира овој важен момент за издигнување на долгорочната, континуирана и интензивна соработка меѓу Парламентите кои се срцето на демократијата.
Во оваа насока, благодарност за соработката и ангажманот за подобрување на безбедноста на Собранието искажа и швајцарската амбасадорка Улман, која го оцени овој чин како добар почеток на патот до целта – независен безбедносен сервис на Собранието.
Генералната секретарка Димовска изрази благодарност до сите стратешки партнери во овој процес, за несебичната поддршка на службите во двата Парламента за да се реализира сето ова денес, како и до Швајцарската амбасада и НДИ за сиот вложен труд во Собранието.
Присутните беа сложни дека заедничката соработка ќе продолжи и во иднина, сѐ со цел издигнување на законодавниот дом на граѓаните на едно завидно ниво.