Денес градот Скопје преку проектот финансиран од ЕУ обезбеди 6 нови еко автобуси, што е доказ дека нашата градска администрација кога не е блокирана од никого, навистина е способна да спроведе нешто што е од бенефит и за Скопје и за Македонија. Се надеваме дека овој проект ќе ги поттикне советниците во Советот на Град Скопје што е можно побрзо да го поддржат проектот за набавка на 250 нови еко автобуси. Донацијата на автобусите од страна на ЕУ е голем успех на Градот Скопје и доказ за силната и безрезервна поддршка на Европската Унија.
Новите автобуси со компримиран природен гас, кои денеска преку УНОПС беа испорачани на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје, а се донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, пристигнаа во Северна Македонија со ориентациони налепници на македонски, албански и англиски јазик од странскиот инвеститор, а на нив се забележани правописни грешки на албански и македонски јазик.
Грешките се веднаш воочени и изготвени се нови налепници од страна на УНОПС, кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шестте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје.