Вештачката интелигенција во архивите и односите на архивите и создавачите на архивски материјал – тема на меѓународна архивска конференција во Марибор.
На 25 ноември 2025 година во Марибор на Универзитетот Alma Mater Europaea e отворена 34. конференција – Меѓународни архивски денови 2024 и 18. Меѓународно архивско училиште, што ќе трае до 30 ноември 2024 година. Организатори на овие настани се Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор (International institute for Archival Science of Trieste and Maribor), Универзитетот Alma Mater Europaea и Историскиот архив на Европската Унија, со седиште во Фиренца, Италија, а коспонзор на настанот е Европската Унија.
На конференцијата ќе бидат презентирани реферати за односите помеѓу архивите и создавачите на архивските документи и за дигитализацијата и вештачката интелигенција во архивската теорија и практика, а ќе биде презентиран и истражувачкиот проект, финансиран од програмата на ЕУ за проширување, наречен OPENARCH – Open archives for social science research in widening countries. Државниот архив на овие настани е претставуван од м-р Димитар Богески, заменик-директор, Светлана Успрцова, раководител на сектор, и Звонко Димоски, раководител на одделение.
На првиот ден од конференцијата, м-р Димитар Богески имаше презентација на тема: Односите меѓу архивите и создавачите на архивски материјал, каде што се осврна на актуелните состојби во тој поглед на територијата на Македонија. М-р Димитар Богески, во рамките на конференцијата, оствари средба со проф. Петер Павел Класинц, директор на Меѓународниот институт за архивистика од Трст и Марибор и со проф. д-р Лудвик Топлак, ректор на Универзитетот Alma Mater Europaea и член на Европската академија на науките и уметностите, со кои разговараше за можностите за унапредување на архивското образование, можноста за организирање обуки за архивските работници и превод на стручна архивска литература.