Со кореографија од Ирена Лозинска, по мотиви од творештвото на Кафка, вечер во 20 часот на малата сцена на Драмскиот театар во Скопје ќе биде изведен перформансот „Безвременски прикаски“. Ова е втора претстава од Неделата на независниот театар, што вчеравечер беше отворена со изведбата на „Еволуцијата на насилството“ на „Артема“.
Музички соработник и композитор на „Безвременски прикаски“ е Енес Беговски, а за уметничкиот видеоприказ се погрижи Доријан Миловановиќ. Играат: Исидор Јованоски, Ана Левајковиќ Бошков, Хакан Даци и Нела Павловска.
Станува збор за перформанс во кој преку разните танцови стилови, современ танц, буто-техника, импровизација, актерски задачи и текст од самиот автор, преку кореографија, сценски движења и различен тип театар, четворицата актери интерпретираат дел од творештвото на Кафка.
Перформансот е збогатен со видеопроекции и со музика во живо од изведувачот на амбиентална музика со неговиот ударен инструмент „handpan“.