Ако нешто можевме да научиме во последниве години од она што ни се случува, тоа е дека во рамки на неолибералните идеологии и популистичко-десничарските практики, меланжот од криво и монстроузно сфатени, протолкувани и практицирани категории „нација“ и „вера“, претставуваат основа за остварување на најприземните интереси и цели на портокаловите функционери: моќ, контрола и профит. Едноставно, научивме дека она што се нарекува „демократија“ може да се преврти во своја спротивност, а државата да се претвори во обичен инструмент за зачувување на власта и кражба на пари, имоти и животи.
Нашите луѓе, измрцварени со портокаловите лаги, отруени со добро „спакуваните“ предрасуди кон Другиот, како закана и истренирани на константна напнатост заради сомневање пред Различното, неуморно, цели десет години, гравитираат и кружат околу јадрото: државно име, територија, конфесија…, кои се погрешно претставени и сфатени како екслузивни одредници на сопствениот идентитет. Поинаку кажано, настрана од сугестивните пароли и вербалните параболи, со националистичкиот традиционализам и трибализам политички препотентните и, веројатно, сексуално импотентните портокалови фалангисти и „божји чеда“, спокојно и безгрижно тренираат фашизам и кич-побожност, а понекогаш и хипертонично се „возбудуваат и радуваат“ на плиткиот цинизам и триумфализам на сопствениот Пастир.
Симулакрумот на „народниот гениј“, од нашите простоумни националисти, без никакво размислување, се зема како неприкосновен окулистички авторитет. Тој го одредува диоптерот за набљудување на стварноста кај мнозината од македонските граѓани зафатени со националшовинистичката миопија. Меѓутоа, за жал, денешниот „народен гениј“, денешниот „свет македонски дух“, црковно-канонски клечи пред национализмот, клечи пред празната гротескна демагогија и плиткиот медиумски сензационализам, клечи пред суеверието и ирационализмот, пред лагите и политичката празнозборност, пред парите и партиската моќ… „Македонскиот дух“ денес малку се грижи за својот изглед и е вкопан во самозадоволството на просечноста и самодоволноста. Но, токму од оние кои веруваат во реално непостоечкиот „ариевски македонски дух“, се регрутираат фетишистите на античко-врховистичките инсигнии, односно се регрутираат фалангите од портокалови и православни верници и контрапротестанти.
Секоја хипотеза на која не ѝ е драконски гилотирана смислата мора да тргне од тоа дека националистичките перцепции не само што предизвикуваат слабости на умот, заблуди, зловолности, застранувања, затемнувања на разумот, омраза кон другите и поинаквите, не само што значајно го стеснуваат и ограничуваат визирот за набљудување на стварноста, туку на практично ниво ја разоруваат политиката, солидарноста, националното единство, моралот, државата… Од искривоколченоста на националистичката перцепцијата, извираат и испаруваат мноштво отровни предрасуди и омрази, а, што е најлошо, на бурно и насилно реагирање ги поттикнува секој обид да се оспорат и искоренат.
Овие наши ситни националисти и крупни криминалци кои, попатно кажано, имаат вродено пијанство, наследно лудило и огромно незнаење, со нивните врховистички и профашистички тези за минатото и иднината, со нивниот профитабилен национализам, со нивните колосално глупави идеи за „светски заговор“ против „библиската земја“, со нивната морбидна и бесна антикомунистичка омраза, го уништуваат сопствениот народ и неговата иднина. Впрочем, никако не може да биде добронамерно протолкувано однесувањето кон сопствената земја и нејзините луѓе, ако секојдневно се шири страв од најблискиот сосед и се закрвува меѓунационалната атмосфера, или ако се пласираат безбројни полувистини, дефокусирања, чисти лаги и закани, кои имаат за цел да го замаглат јавниот дискурс за да не се здогледа вистинската димензија на злосторствата, криминалите, манипулациите, кражбите, изборните измами…
Подигнување на националистичкиот адреналин преку монтирани сугестивни инсерти и емисии за големината на саможртвата во минатото и за загрозеноста во сегашноста, фактички, галантно нè води до збогување со Разумот. Најлошо е дека таквата психопатолошка состојба на нацијата и општеството се детектира апостериори. А, секако, национализмот може колку сака да се залетува да прави „пазар“ со „ариевството“ и со своите проектирани, а недостижни цели, но на крајот, не само што секогаш разочарано останува со „кратки ракави“, туку ги турка сопствената нација и сопствената држава во губитнички позиции, во меѓународна изолација, во економско назадување, во политичка криза, а некогаш и во граѓанска војна.