Болниците во Алепо преполни со ранети од бомбардирањата

Сподели

thumbs_b_c_3e14985d396eb67e7ce8225363831cc1

АЛЕПО (АА) – Една недела воени авиони на Русија и на режимот на Асад ги бомбардираат подрачјата на Алепо што се под контрола на опозицијата. Во бомбардирањата има голем број ранети кои ги исполнија болниците во Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).

Една недела траат бомбардирањата на подрачјата на Алепо што се под контрола на опозицијата. Во овие напади загинаа повеќе од 400 цивили, додека бројот на ранетите изнесува 1.585 цивили, кои се лекуваат во болниците на Алепо. Еден од лекарите што се грижат за здравствената состојба на ранетите во полската болница „Омер“, д-р Ариф Араф, за дописникот на Anadolu Agency изјави дека по завршувањето на прекинот на огнот, Русија извршила бомбардирање на градот, исто како да го погодил земјотрес.

Од бомбардирањето што се случило претходниот ден, во болницата се донесени 52 ранети лица, за кои д-р Араф рече дека главно се во тешка состојба.

„Денеска имаше бомбардирања близу нашата болница. Од нападот имаме големи оштетувања во инфраструктурата на болницата. Во болницата дојдоа голем број повредени бидејќи бомбардирањето се случи за време на работната смена“.

Д-р Араф соопшти дека сите полски болници во Алепо се преполни со ранети цивили.

„Нема разлика меѓу болниците. Операционите сали и одделенијата за прва помош се преполни со ранети. Нема слободно место во ниту една болница. Сите се преполни со тешко ранети цивили“, соопшти д-р Араф.

Тој рече дека болниците имаат проблеми со лекарствата, некои медицински помагала не функционираат и поради опсадата под која се наоѓаат, не се во можност тешко ранетите да ги извлечат надвор од градот.

„Имаме голем број ранети кои се во сериозна состојба и имаат итна потреба од крв. Господ нека им овозможи брзо заздравување на ранетите, а на граѓаните на Алепо, трпение“, рече д-р Араф.

Според договорот на САД и Русија, на 12 септември беше воспоставен прекин на огнот, кој режимот на Асад го наруши на 19 септември и заедно со руската војска започна големо бомбардирање на подрачјето на Алепо што се под контрола на опозицијата.

Од завршувањето на договорот за прекин на огнот, на 19 септември, досега во бомбардирањата насочени кон Алепо загинаа 444 цивили, меѓу кои има голем број жени и деца, а 585 лица се ранети.

При бомбардирањето на Центарот за цивилна заштита и противпожарниот центар во градот, од страна на руските воени авиони користени се друг тип бомби во однос на претходните бомбардирања. Бомбите што ги користат руските авиони прават длабоки дупки на местата каде што паѓаат, а тоа предизвика оштетување на водоводната мрежа во неколку подрачја од градот.