ОСМА МАНИФЕСТАЦИЈА “НАПРЕД РОЗОВО” 2016

Сподели

osma-tradicionalna-proshetka-i-humanitarna-trka-napred-rozovo-2016_image

Со симболична прошетка и хуманитарна трка во рамките на кампањата „Напред розово“, повеќе од 1.000 граѓани во сабота ќе им дадат поддршка на болните од рак на дојка и на нивните семејства. Манифестацијата „Напред розово 2016“ се одржува по осми пат во организација на здружението „Борка“ – За секој нов ден, со поддршка на амбасадата на САД во Македонија и компанијата „Пелистерка“.

Настанот ќе се одржи во сабота (1 октомври), во Градскиот парк во Скопје кај Школка, со почеток во 11 часот. Како што најавија организаторите на манифестацијата на денешната прес-конференција, заедно со симболичната прошетка за поддршка, годинава во рамките на „Напред розово“ за првпат ќе се организира и хуманитарна трка. Трката ќе биде во должина од еден километар и на неа можат да се пријават сите граѓани, без оглед на возраста и полот.

„Собраните средства ќе бидат наменети за помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики и многу други активности“

Котизацијата за учество на прошетката и трката изнесува 350 денари со вклучена маичка со логото на манифестацијата, а сите собрани средства ќе бидат наменети за реализација на планираните активности на Здружението „Борка“ во делот на психосоцијална помош и поддршка на заболените од рак на дојка, обезбедување перики за жените кои не можат да си дозволат да ги купат, посета на болните на Клиниката за онкологија, обезбедување секојдневна комуникација со психолог и едукација на населението од цела Македонија.

Алијансата на пациентски организации во Македонија, Биба Додева, истакна дека со кампањата „Напред розово“ им даваат поддршка на сите кои се борат со рак на дојка и воедно ја подигаат свесноста за оваа болест во Македонија. Не смееме да ги отфрлиме нашите граѓани кои се борат со оваа тешка болест, бидејќи ракот на дојка може да биде излекуван. Сметам дека треба да ѝ подадеме рака на секоја индивидуа, на секоја фамилија, затоа што оваа борба е наша, заедничка.

Оваа кампања е продолжување на нашите активности кои заедно со Алијансата на пациентски организации ја започнавме со прогласувањето на Годината на ракот во Македонија со цел имплементирање на Национален план за контрола на ракот и формирање на посебен фонд за достапност за современа терапија и третман во нашата земја, со што би се намалила смртноста од малигните заболувања – рече Додева.