Полиција легитимира новинари и забранува сликање на судот додека трае „Диво Насеље“

Сподели

policija-popravena-1

Сензитивноста на судењето за сучајот „Диво Насеље“ не дозволува новинари да ја сликаат ниту зградата на судот ако претходно немаат побарано дозвола од Министерството за правда.

Со овие зборови, неуниформиран припадник на полицијата ѝ се приближил на новинарката на „Мета“ која ги сликала рампите за лица со инвалидитет поставени во судовите и ѝ побарал лична карта.

Новинарката, која на себе имала новинарска легитимација, ги објаснила причините поради кои ја слика зградата на судот, но полицаецот ѝ рекол дека сепак ќе треба да поразговара со началникот, кој бил на паркиралиштето зад судот.

Откако и началникот темелно ја испрашал што бара во тој период околу судот и зошто слика, друго неуниформирано лице ја замолило да ги покаже фотографиите што ги направила со службениот мобилен телефон.

По отклучувањето на телефонот и прегледот на фотографиите, припадниците на МВР ја предупредиле дека не смее да слика институции за кои нема одобрение.

Началникот на полицијата ѝ соопштил дека според правилата „треба да ја однесат да даде исказ и оттаму да ја собере тој што ѝ дал наредба да слика, но дека сега ќе помине само со предупредување“.

Околу судот нема знаци дека е забрането сликање, а тоа го забележаа и полицајците.

meta.mk