DW: Власта пак ќе заигра на националистичка карта?

Сподели

ВМРО-ДПМНЕ главната изборна стратегија ќе ја темели на „одбрана на државата од федерализација“, тврдат извори од оваа партија. Политиколозите се уверени дека веќе не поминува играњето на националистичка карта.Табла, на која името на Општинската организација на СДСМ во општината Чаир е напишано и на албански јазик, експресно ја врати на јавна сцена националистичката реторика типична за предизборни периоди – „вовед во двојазичност на целата територија на државата“, „вовед во федерализација“, „поделба на државата“, „губење на македонскиот идентитет“…, пишува Дојче веле.

18457446_303

Активисти на СДСМ, кои вчера ги завршуваа последните подготвки за отворање на локалното седиште на нивната партија во Чаир, не се оптоваруваат со ваквите тврдења. Трајче Неделковски, член на СДСМ, вели дека двојазичната табла е резултат на зголемената заинтересираност за членство од граѓани од различни заедници, особено од етничките Албанци.

„Масовно се приклучуваат етнички Албанци. Веќе имаме околу 800 членови, кои до вчера веројатно биле во ДУИ, во ДПА или биле неопределени, меѓутоа сега масовно бараат членство во СДСМ“, изјави Неделковски за ТВ „21“.

Џеват Исени, еден од новите членови на СДСМ, објасни зошто се зачленил во партијата.

„Горд сум што се зачленив во седиштето на СДСМ, кое ќе функционира на двата јазици, за да му кажеме на народот дека албанскиот јазик ќе се употребува и во СДСМ“, изјави новиот социјалдемократ Исени.

Потпретседателот на СДСМ, Александар Кирацовски, запрашан дали поставувањето на двојазичната табла на седиштетото на СДСМ во Чаир е чекор за придобивање на албанскиот електорат, изјави: „Ние во Република Македонија јазикот го користиме за да се разбереме со нашите сограѓани – Македонци, Албанци, Турци, Власи, Роми, Срби, Бошњаци и останатите. А она за што треба да зборуваме се нови вработувања, нови работни места…“

„Подарок“ за ВМРО-ДПМНЕ

За можноста за двојазичност и во општини каде етничките Албанци не се мнозинско население, минатиот месец бегло проговори лидерот на СДСМ, но бидејќи не даде дополнителни објаснувања, таа изјава остана паушално толкувана и дочекана со остри критики од владејачката партија. Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција ја обвини опозицијата дека тоа го заговара подолго време и дека тргува со националните интереси.

„Уставот јасно вели дека на целата територија на Република Македонија службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо, а друг јазик што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, исто така, е службен во единиците на локална самоуправа каде што тие живеат во мнозинство или значителен број. СДСМ во очај почнува да тргува со националните и со државни интереси и прави огромна штета на Македонија“, изјави Димовски.

Според извори од владејачката партија, со изјавата на Заев врвот на ВМРО-ДПМНЕ добил „огромен подарок“, односно капитал за изборната кампања. „Партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, кој е во фокусот на вниманието поради истражувањето на индиции за криминал што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, сега се подготвува главната кампања да ја темели токму на ‘спасување на Македонија од процеси за федерализација, односно за распарчување на земјата’. Намерата е во целосна сенка да останат истрагите и обвиненијата од СЈО, додека тие ‘ја спасуваат државата’“, велат овие извори.

На тој план не се губи време. По поставување на двојазична табла на општинската организација на СДСМ во Чаир, на социјалните мрежи се објавени фотографии, од наводни – герила акции. На една од нив, се гледа дека „СДСМ во Кочани“ е напишано и на албански јазик. Засега не е познато дали се тоа фонтомонтажи или вистински табли, и кој ги поставил.

Темата била актуелизирана и на вчерашната трибина на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ) во Свети Николе.

„Сегашната политичката состојба во Македонија има за цел од страна на опозицијата да предизвика дестабилизација и федерализација на Република Македонија, што не му одговара на ниеден етнос, ниту на Македонците ниту на Албанците, а со тоа да предизвика бирање на една марионетска влада која ќе може да биде управувана од надворешни структури“, истакна аналитичарот Александар Даштевски.

Веќе видена тактика

Политиколозите не се изненадени од засилувањето на ваквата реторика. Дел од нив сметаат дека овојпат таа нема да фати корен, без оглед колку агресивно ќе биде наметната, бидејќи главната општествена тема е – расчистување со криминалот. Други предупредуваат дека тоа е опасна игра во време на длабока криза.

„Играњето на картата на национализмот во нашето мултиетничко општество е добро позната и веќе видена тактика на владејачките елити, со која секоја од нив се обидува предизборно да си ги зајакне позициите кај својот електорат. Во време на длабока и сеопшта криза, крајно неодговорно е таа дополнително да се продлабочува со теми за федерализација. Едно треба да се знае. Ниту еден конфликт не се случил затоа што луѓето комуницирале и се разбрале на некој јазик, туку затоа што воопшто не се разбрале“, вели младиот политиколог, Арбен Адили.

Но, засега е неизвесно дали прашањето на високата политичка одговорност е вкалкулирано во стратегиите за изборната трка. На социјалните мрежи веќе се споделува фотографија од смс-порака со барање за наводно присуство на настан во недела, на 16-ти октомври во Скопје, за кој е обезбеден превоз и се правеле списоци во месни комитети. Неофицијално, преку невладини организации се планирало организирање голем собир „против федерализација“, односно контрамарш на граѓанскиот, кој во организација на лидерот на СДСМ и повеќе истакнати личности од општествениот живот, ќе се одржи утре, на 11-ти октомври, во Скопје.