Еврокомесарот за проширување и за добрососедска политика Јоханес Хан, денеска по средбите со претставниците на граѓанскиот сектор, Специјалното јавно обвинителство и со лидерите на четирите политички партии, оцени дека има напредок, како во атмосферата што владее меѓу соговорниците, така и во прочистувањето на избирачкиот список и во функционирањето на медиумите и на ад-хок телото за надзор на медиумите.
Тој истакна дека изборите се многу важни и се камен-темелник за евроинтеграциите на земјата. Сепак, рече дека мора да се спроведат реформските приоритети и забелешките од извештајот на Прибе.
– Важно е изборите да се спроведат добро, за потоа никој да не може да ги критикува. Изборите ќе бидат надгледувани од бројни меѓународни организации. Не треба само посветеност кон реформите, туку треба и да се дадат датуми за нивна имплементација и за спроведување или неспроведување – рече Хан, додавајќи дека двегодишната политичка криза лошо влијаела врз земјата и оти тоа има последици.
Еврокомесарот рече дека разговорите со лидерите биле конструктивни и оти е многу важно како политичарите ќе се однесуваат и какко ќе дејствуваат.
– Важно е да не се поттикнуваат меѓуетнички тензии, особено по изборите и да постои соработка, не само во владата, туку и во парламентот, каде што треба да се водат дебатите –изјави Хан.
Тој, исто така, ги повика младите да го искористат своето право на глас и да одлучат за својата иднина, да не остават да им се случи тоа што им се случи на младите Британци со референдумот за Брексит.
Во однос на СЈО, Хан рече дека добил уверување од сите политички партии дека ќе ја поддржат неговата работа.
– Секој дел од судскиот систем треба да работи независно. Добив уверување за работата на СЈО, но сега треба да се видат резултатите од неговата работа и, исто така, треба да не се злоупотребува СЈО. Оваа институција треба да биде независна – порача Хан.