„Ериксон“ контра Чавков: Не сме сопственици ниту оперираме со опремата за прислушување

Сподели

erikson-zgrada-stokholm

„Ериксон“ не е сопственик, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите, се вели во соопштението што денеска го испратија од шведската компанија.

Оттаму потврдуваат дека на 19 октомври добиле барање од Специјалното јавно обвинителство за техничка асистенција во истрагата што СЈО ја спроведува во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), но не соопштуваат повеќе детали и за сите натамошни информации поврзани со истрагата упатуваат на СЈО.

„’Ериксон’ потврдува дека на 19 октомври 2016 година доби барање од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), по судска наредба од Основниот суд Скопје 1 во Скопје, за техничка асистенција заради истрага и во врска со функционалноста на Законското пресретнување на комуникации. За понатамошни информации поврзани со оваа истрага, ‘Ериксон’ Ве упатува на Специјалното jавно oбвинителство за овој случај. Законското пресретнување на комуникации е задолжителна и стандардна функционалост во мрежите на јавната телефонија и телеком операторите и земјите во светот се обврзани да овозможат таква функционалност за локалните власти.’Ериксон’, како производител на телефонски системи и опрема, исто така, е производител на системи за законско пресретнување. ‘Ериксон’ не е сопственик на опремата, ниту оперира со опремата за законско пресретнување на комуникациите“, стои во соопштението од компанијата.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков во средата, по влегувањето на СЈО во УБК тврдеше дека системот не е сопственост на МВР и на УБК, туку дека е сопственост на операторот и само овластено лице оттаму може да пристапи до тој систем.

– Навистина сакаат да создадат перцепција дека некој во УБК ги опструира, а од системот самите сфатија дека не може да ги извадат податоците, односно да направат експорт на податоци. Тој систем не е сопственост на МВР, на УБК, сопственост е на операторот и само овластено лице оттаму може да пристапи до тој систем. Се уверија во тоа и испратиле писмо до операторот, односно „Ериксон“ за да дадат овластување на нивниот претставник во Македонија да оствари пристап до системот кој пак ќе повторам, не е во сопственост на УБК, значи не е сопственост на МВР, е во сопственост и администрирање на операторот – изјави тогаш Чавков.

Специјалното јавно обвинителство неделава влезе во Управата за безбедност и контраразузнавање со два судски налози за обезбедување на документација од посебни истражни мерки и податоци од системот за прислушување.

СЈО успеа од УБК да доземе дел од податоците, а за останатите беше решено да се чека надворешен експерт, кој треба да помогне во нивното извлекување. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева наиде на опструкции од раководството на УБК, кое кулминираше во петокот, кога истражителот на СЈО беше избркан од Управата.

Вчера СЈО соопшти дека за безбедноста на опремата е на товар на УБК, откако оттаму биле известени дека нема да дозволат нивни истражители да дежураат во Управата до доаѓањето на надворешниот експерт од „Ериксон“.

meta.mk