ОБСЕ: „Најважно е да се најде изворната причина за масовните миграции”

Сподели

Денес во Скопје започна дводневна регионална конференција поддржана од ОБСЕ, на темата „Унапредување на соработката и заедничките пристапи во справувањето со трговијата со луѓе долж Западно-балканската миграциска рута“

thumbs_b_c_9999ff0bd38c2aa579500d922d58b33f

СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје започна дводневна регионална конференција поддржана од ОБСЕ, на темата „Унапредување на соработката и заедничките пристапи во справувањето со трговијата со луѓе долж Западно-балканската миграциска рута“, јавува Anadolu Agency (AA).

Целта на оваа конференција, која е организирана како заедничка заложба на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, а со поддршка на канцеларијата на специјалниот претставник и координатор за борба против трговија со луѓе на ОБСЕ, е да поттикне поконструктивен дијалог меѓу државните органи, граѓанското општество и теренските мисии на ОБСЕ во регионот, кој е ориентиран кон дејствување на теми поврзани со трговијата со луѓе во државите што се зафатени од миграциската криза.

Пред почетокот, дел од високите претставници на ОБСЕ со своите изјави им се обратија на медиумите.

Амбасадорката Нина Суомалаинен, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, рече дека трговијата со луѓе е појава со прекугранични димензии и дека само на тој начин може да ѝ се пристапи, и додаде дека токму поради ова на конференцијата учествуваат претставници од над 10 држави, како и претставници на странски граѓански организации.

Потенцирајќи дека координацијата меѓу оние што се вклучени во решавањето на овој проблем е многу важна, таа истакна: „Токму затоа ги собравме националните координатори од регионот и од странство, за да најдеме заеднички начин како да им се помогне на жртвите, како да ги заштитиме, како да ги идентификуваме, но исто така, и како да ги фатиме сторителите“.

Амбасадорката Мадина Јарбусинова, специјален претставник, координатор на ОБСЕ за борба против трговијата со луѓе, во својата изјава рече дека бројот на бегалци е огромен, а додека пак бројот на фатени криминалци во трговијата со луѓе е многу мал, и затоа, според неа, треба заеднички да се работи на спротивставување и справување со овој проблем. Таа истакна дека во текот на последните две години организирале голем број настани, на кои се дискутирало за тоа кои се проблемите долж мигрантските рути и како да им се спротивстават.

Јарбусинова понатаму рече дека во изминатиот период има посетено многу бегалски „жешки“ точки, како што се бегалските кампови во Италија, границата кај Газиантеп, помеѓу Турција и Сирија, во Бугарија, а исто така додаде дека планира да го посети и грчкиот остров Лезбос. Според неа, ваквите конференции, како и работата на теренот ќе придонесат во решавањето на овој проблем, но како најважен момент во овој процес го истакна идентификувањето на жртвите и трговците со луѓе. „Како што реков, навистина работиме на тоа да препознаеме кој е жртва на трговија и кој е сторител на трговија со луѓе“, рече таа.

Според Маргарета Цедерфелт, член на Парламентарното собрание на ОБСЕ од Шведска и член на Ад хок комитетот за миграција, најважно е да се најде изворната причина зошто овие луѓе се селат, дали е за подобар живот или за работно место или некоја друга причина, но тие како парламентарци, како што рече таа, треба да дадат сѐ од себе за да го запрат ова, затоа што се работи за хумани суштества.

„Ние како членови на Парламентарното собрание на ОБСЕ, мораме да се обидеме да ги најдеме изворните причини, но исто така и најдобрите практики, бидејќи веќе во различни држави постојат добри практики за справување со овој проблем. Треба да ги најдеме најдобрите и да им помогнеме на жртвите, бидејќи тука се работи за луѓе“, истакна Цедерфелт.

Националниот координатор за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција – Скопје, Сања Димитриевска, кратко им се обрати на медиумите, при што упати благодарност до организаторите и присутните, а особено им се заблагодари на националните координатори, кои како што рече таа, ќе ја потпишат декларацијата којашто има порака до жртвите дека ќе им се помогне, каде и да се затекнати, а додека пак, сторителите ќе бидат најстрого казнети.