Нема јасно разграничување помеѓу партиите и државата, се злоупотребува државниот систем и постои политичка дискриминација, а со тоа се прекршуваат низа закони, е заклучокот од конференцијата „Одвојување на државата од политичките партии“, организирана од граѓанската асоцијација „Мост“.
Уставната судијка Наташа Габер-Дамјановска вели дека во Македонија постои политичка дискриминација и дека луѓето се дискриминираат бидејќи припаѓаат или не припаѓаат на одредена политичка партија.
– Постои значително поголема можност за вработување на оние кои се членови на политичките партии на власт. Страшно е што јавноста со години е научена така да функционира и тоа се прифаќа како нормално, а прекршува цел корпус закони. Целиот систем се извитоперува и го голта државниот апарат, не се почитува мерит-системот, а тоа е закана за уништување на врзивното ткиво на ова општество – вели Габер-Дамјановска.
Уставната судијка смета дека крајно време е државата да ги заштити граѓаните од ваквите притисоци, но и дека граѓаните можат да влијаат со тоа што ќе издигнат поголема свест и ќе ги пријавуваат поткупувањата и притисоците.
Во Македонија има добри закони, но тие не се применуваат во реалноста, а проблематично е и финансирањето на политичките партии, смета Френк Хантке, раководител на канцелариите на фондацијата „Фридрих Еберт“ во Скопје и во Тирана.
– Балканските држави се движат кон автократија. Треба да е јасно дека владата не е составена од политички партии кои им служат на гласачите што ги донеле на власт. Власта треба да им служи на сите граѓани, затоа што сите граѓани ги имаат истите права. Исто така, важен е начинот на финансирање на политичките партии. Како е можно една партија од Македонија да е многу побогата од најбогатата партија во Германија кога партиите во Македонија не добиваат пари од членарина? Мора јасно да се знае од каде доаѓаат парите – вели Хантке.
Македонија има потпишано конвенции и декларации кои се залагаат за борбата против корупцијата, правото на еднаквост, правото на фер избори, владеењето на правото, но сепак се забележува непочитување на овие заложби, заклучи Ендрју Елис, уставен експерт и експерт за избори.
Извор:Meta.mk