Само разузнавачи не недостигаат на листите за пратеници

Сподели

trajanov-bacev-boskoski-i-bogoevski-860x680

Политичките партии ги скроија кандидатиските листи за претстојните предвремени парламентарни избори, а она што, меѓу другите изненадувања, боде очи е што во првите редови во трката за пратеничкото столче на 11 декември се најдоа, како ретко досега, повеќемина поранешни шефови и високи функционери на тајната полиција и на МВР.

Ова се случува во време кога Македонија е потресена од политичка криза која беше иницирана токму од политичко-разузнавачки скандал со објавувањето на огромен број на незаконски прислушувани разговори, за кои сомневањата се дека се направени по нарачка на раководството на владејчката партија, а спроведени од Управата за безбедност и контраразузнавање.

Поранешните разузнавачи, како што може да се види, доминираат на пратеничките листи на партиите со десничарски и десничарско-центристички политичко-идеолошки профил.

Слободан Богоевски

  • Носител на кандидатската листа на Коалицијата за промени и правда (Демократкис сојуз, ФРОДЕМ, ДЕМОС и МОРО Работничка партија) во четвртата изборна единица. Од 1989 до 1995 година беше потсекретар на Службата за државна безбедност (по актуелната систематизација – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање). Беше дел од т.н. „осуммина“, групата што на крајот на 1980-те и на почетокот на 1990-те беше носител на промените во МВР и на процесите за осамостојување на Македонија од СФРЈ. Осуден беше на 2 години затвор во 2013 година во случајот „Агент“ поради малверзации со продажба на државно земјиште. Сведок е во постапката што властите во САД ја водат за случајот „Маѓар телеком“.

Павле Трајанов

  • Претседател е на Демократскиот сојуз и носител на листа на Коалицијата за промени и правда во првата изборна единица. Од 1991 до 1993 беше потсекретар на Службата за јавна безбедност (денеска – Биро за јавна безбедност). Пријател е на Богоевски и исто така дел од „осуммината“. Од 1998 до 1999 беше министер за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски.

Љубе Бошкоски

  • Претседател е на Обединети за Македонија и поранешен член на ВМРО-ДПМНЕ. Носител е на листа на Коалицијата ВМРО за Македонија (ВМРО-Народна партија, Обединети за Македонија и Достоинство). Беше заменик-директор на Упрвата за безбедност и контраразузнавање од 1998 до 2001 година, а од 2001 до 2002 беше министер за внатрешни работи во владата на Љубчо Георгиевски за време на конфликтот во 2001 година. Суден е и прогласен за невин од Меѓународниот суд во Хаг за случајот со настаните во скопското село Љуботен од 2001 година. Беше уапсен на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, и осуден на пет години затвор за незаконско финансирање изборна кампања.

Јанко Бачев

  • Претседател е на Народно движење за Македонија и носител на листа на НДМ во четвртата изборна единица. Од 1994 до 2002 година работеше во МВР, односно во Управата за безбедност и контраразузнавање (тогаш Дирекција за безбедност и контраразузнавање), а извесен период беше и началник во УБК.

meta.mk