Образованието, здравството и судството имаат потреба од законски промени

Сподели

15129760_10211106551689669_17217900_n

Три различни граѓански иницијативи имаат заеднички содржател, а тоа е ставот дека е неопходна промена на постојните законски регулативи. Нивните предлози се за промена на законите во областа на здравствствената и на социјалната заштитата, човековите права и во образованието и се резултат на спроведени теренски истражувања.

– Реформите што се препорачани од Европската Унија и ратификуваните договори за измена на постојните закони не се спроведуваат во целост. Понекогаш се носат сосема спротивни или закони кои се разликуваат во одредени детали од тие што претходно биле договорени во согласност со препораките од ЕУ – изјави Мирослав Драганов од Институтот за човекови права. Тој додаде дека измени во регулативите за човекови права се неопходни, а спомна дека утрово, пред да дојде на панел-дискусијата, бил мета на дискриминација поради возраста.

Во дискусијата учествуваа претставници од ранливите категории граѓани, поточно лица со ретки болести, а се презентираа и проблемите со кои се соочуваат граѓаните кои имаат потреба од лекување со масло од канабис.

– Во Македонија си невидлив ако имаш ретка болест. Ваквата категорија на луѓе, во која сум и лично јас, се соочува со многу проблеми поради немањето евиденција за лица со ретки болести, недостапноста на лекарствата кои треба да ги примаат во сите градови во земјата и недоволната образованост на лекарите за овие ретки болести – изјави Ања Босилкова од невладиното здружение „Вилсон – Македонија“.

Од областа на образованието беше презентирана иницијатива за имплементација на отворените образовни ресурси кои ги опфаќаат законите за основно, средно и за високо образование, законот за учебници во основно и во средно училиште и законот за авторски и сродни права.

– Бидејќи кај нас има многу мал пристап до отворени образовни ресурси, потребна е измена во неколку закони, но, се разбира, притоа да се внимава да не се повредат авторските права на авторите на учебниците – изјави Тамара Ресавска од Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

Панел-дискусијата беше овозможена од Фондацијата за демократија „Вестминстер“ и од Високата школа за новинарство и односи со јавноста, која подготви и прирачник за истражување и за пишување документи за јавни политики.

meta.mk